Камперските авантури на Мане и Ана: „Невреме на Пониква, мечка во Маврово, појадок над облаци на Галичица“
„Постојат два вида на кампување. Едниот е исполнет со многу забава, убави моменти, активности, слобода и дружба со луѓе од сличен, речиси ист карактер. Тоа се купувањата во друштво. Вториот вид е оној каде што мотивот е мир, спокој, тишина, поврзаност со природата, слобода на умот и одмарање. Го имате целото време на светот за да се ослободите од лошите мисли. Тоа е идеално време за самоспознавање. Иако практикуваме да одиме сами и бираме мир, кога доаѓа момент за дружба никогаш не одбиваме и уживаме максимално во таквите денови“, додаваат патниците и велат дека секој од нив е убав на свој начин.
А, оние што се двоумат би било добро да одат во друштво, да осознаат како се одвива целиот процес со цел да добијат доволно комфор кој ќе ги привлече за да се задржат подолго во она што го прават.
„Ако некој нè праша да организираме седумдневна тура низ Македонија, тоа би изгледало вака. Тргнуваме од Велес, прва локација ни е Бегово поле, преку Караџица, со камп под отворено небо. Две ноќевања за ова, со вклучена посета на Солунска Глава. Наредна дестинација, како последна желба за летово ни остана Лешница, Шар Планина. Тоа би вклучило неколкудневно кампување, околни прошетки и секако посета на преубавиот Кривошијски водопад. Две вечери би биле доволни.
Потоа ќе се повозиме малку до Пелистер и уште две ноќевања би ги потрошиле горе високо, на Големо Езеро. Останува уште еден ден и секако тоа би било ноќевање на Чеплес. Може уште седум дена плус?“, прашуваат тие.
Мане и Ана ниту една кујна не би ја замениле со нивната камперска. Двајцата уживаат во готвење и најчесто се докажуваат чиј омлет е повкусен.
„Кога сме на камп практикуваме да се храниме здраво, а истовремено бираме оброци кои пократко се приготвуваат. Секој појадок ни е на различен начин вкусен и не можеме да се одлучиме за еден. Она што го прави појадокот уште поубав е локацијата, опкружувањето, временските услови и погледот.
Како таков би го избрале појадокот над облаци, горе на Галичица“, откриваат Мане и Ана.
Кога ќе се стабилизира состојбата со коронавирусот, авантуристичкото дуо планира своето патување да го продолжи и надвор од границите на Македонија.
„Светот нуди толку убави нешта, навистина е жално да не посетиме барем мал дел од него. Прв избор би бил Шведска и се надеваме на што поскоро заминување“, завршуваат тие и додаваат дека целата ситуација, како и многу други, ги натера да откријат прекрасни локации во Македонија, а не зажалиле за ниту една нивна одлука.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Автор: Евгениј Хоуп