Емилија Мицевска: „Имам бегано од мечка, а сум кампувала низ цела Македонија“
- Детали
- вторник, 14 јули 2020
Сака да кампува среде шума, да си готви манџа од коприви на огинче, да бере печурки и чаеви... Емилија Мицевска ја обожава природата во Македонија и ни ги раскажува најинтересните искуства како тоа кога ѝ влегла крава во шатор.
Емилија Мицевска Трајковиќ (32) е актерка која работи во Драмски театар, а секој слободен миг сака да користи за уживање во природа. Ја обожава Македонија и сите нејзини прирдни убавини.
Од водопади до планини и езера, Емилија вели дека нашата држава изобилува со најубавите пејзажи и дека обожава да кампува среде шума.
Таа пренесува дел од своите авантури за CRNOBELO.com:
Зошто природата во Македонија е бесценета? Кои ти се омилени места?
Само оние кои ја познаваат ќе разберат зошто. Во Македонија има такви уникатни пејзажи, грандиозни и богати планини, пештери, водопади, полиња, клисури. Затоа оној кој не знае ќе мечтае за светот, незнаејќи дека светот започнува дома.
Природата те опива со љубов и спокој преку сите нејзини мириси, вкусови, бои, те доведува во контакт со поинакви доживувања наспроти животот во четири ѕида. Честиот контакт со природата ти овозможува да се продлабочи со контактот со себеси.
Дишам длабоко и сум сеприсутна. Природата во Македонија ја сакам затоа што е толку многу богата, шарена, длабока, плодна и е неопислива убавица. Те регенерира и те лечи.
Кампуваш ли во природа? Основното правило е...
.. да го сакаш тој живот. За мене кампувањето е идеален начин да се сплотиш со природата.
Каде сѐ имаш кампувано досега во Македонија?
Велешко Езеро, Тиквешко Езеро, Богомила, Смоларски Водопади, Кочани – Гратче, Љубаништа, Смоларски Водопади..
Тешко ли е да се постави шатор?
Тоа тешкото треба да е уживање.
Најомилена активност во природа...
Собирање дарови од природата и нивна подготовка за храна, на оганче.. Чаевите ги користам како зачини.
Најнемил настан на некоја авантура досега...
Ми влезе крава во шатор за добро утро.
Највкусен оброк што си го јадела во природа?
Жалам.. Не можам да издвојам. Можеби манџа од коприви зготвена среде шума.
Од кога собираш печурки? Колку видови познаваш?
Релативно нов свет за мене, но сум максимално посветена во изучувањето. Не сум се пребројала, но секојдневно учам. Сакам сите да ги сретнам.
На лулашка во планина или на лежалка на плажа?
Имам лулашка и во двор. Сеедно, тој луксуз е за секоја пригода.