Стјуардесата Моника Зарапчиева: „Најдолг лет ми е Дубаи - Сиднеј, трае интензивни 14 часа“
- Детали
- понеделник, 09 декември 2019
„Најсреќните луѓе ги видов во Малезија, најморничавото искуство го доживеав во Лас Вегас, а мојата најголема авантура ми беше пливањето со ајкули во Јужна Африка“, вели 24-годишната скопјанка.
Моника Зарапчиева има 24 години, по професија е дипломиран филолог, но ужива во работата како стјуардеса за Emirates.
Периодов таа живее во Дубаи, а оттаму посетува дестинации на сите краишта во светот.
Од Њујорк до Сејшелите, какви впечатоци носи оттаму?
Вели: „Патувањето е магија за сите сетила. Предноста на мојата професија е секое утро да се будиш на различно катче на планетата. Уживам кога запознавам луѓе од различни нации кои со себе го носат мирисот на своите традиции.“
Таа за CRNOBELO проговори за нејзините искуства.
Кога мислам на рајот на земјата мислам на…
Рајот на земјата за мене е сместен во Индискиот Океан, блиску до брегот на Африка, тоа е прекрасниот остров Маурициус.
Кога ќе стапнете на оваа земја имате чувство дека се наоѓате во еден друг свет, исполнет со прекрасни бои, мириси и од воздухот ве опива една прекрасна вибрација на среќа. Посетете го Маурициус, топло ви препорачувам.
Во која земја го испи најевтиното кафе, а во која најскапото?
Утрото не го започнувам без омиленото турско кафе. Највкусно и најомилено кафе ми е во Турска Чаршија во Скопје, а најскапото кафе го испив во Палацио Версаче со 4 каратно злато.
Најдолгиот лет на кој сум била досега е…
Дестинациите кои ги поминувам знаат да бидат прилично долги, а воедно и напорни. Една таква дестинација е летот од Дубаи до Сиднеј кој трае интензивни 14 часа.
Ова е релативно долго активно летање, но времето знае да биде исполнето со комуникација со прекрасни луѓе. За да ја работите оваа работа мора да имате развиена емпатија, добро домашно воспитување и развиено чувство на одговорност.
На вакви летови знаат да се случат и драматични ситуации со невреме, како и справување со медицински случаи. Но, ние сме одлично обучени и за нас нема непредвидени ситуации.
Во која земја живеат најведрите луѓе, а во која најмрачните?
Колку луѓето се помалку оптоварени со финансиите-толку се посреќни. Таков е примерот со луѓето во Малезија. Таму добиваат храна и средства за лична потреба на месечно ниво и цел ден вибрираат со насмевка низ улиците.
Колку повеќе сонце, толку повеќе среќа. Недостигот на сонце во одредени земји предизвикува несреќа и незадоволство. Тоа се случува во најразвиените европски земји.
Меѓутоа од друга страна, фактот што поголемиот дел од времето го поминуваат во затворени простори мислам дека ги има направено многу покреативни. Таму правото е функционално, културниот и социјалниот аспект се во фантастична симбиоза.
Какво искуство е пливањето со ајкули, колку те блокира стравот?
Авантурите се важен сегмент во животот, една таква доживеав скоро пливајќи со ајкули во Дурбан во Јужна Африка и тоа беше неповторливо искуство.
Моментот кога пливате слободно без кафез, а под вас пливаат голем број на ајкули кои ве допираат, чувствувате страв, но во исто време и хармонија и почит.
Сум пливала и со ражи на Карибите, но ова искуство е незаменливо.
Јавањето камила е…
Што се однесува до камилите, можам да кажам дека се интересни по својата конфигурација на тело, која е таква поради потребата за адаптација на живеење во една средина како што е пустината.
Јавањето камила во пустина на залез на соне е неповторливо искуство.
Најлошото искуство на некое патување што си го имала досега?
Од непријатните искуства на патувањата се сеќавам на едно од пред 5 години во Лас Вегас, излегов од хотелот пешки да го разгледам градот на забавата, светлината и гревот како што го нарекуваат домаќините.
Шетајќи така од улица во улица воопшто не забележав дека сум залутала во една темна и пуста уличка во која немаше никој освен неколку автомобили кои повремено што поминуваа, малку успоруваа покрај мене и група мажи потпрени на ѕид. Изгледаше како сценарио од некој филм.
Продолжив да се движам, но добив морничаво чувство како некој ме следи. Малку ја свртив главата и доволно беше за да видам како двајца од нив се движеа веднаш зад мене.
Среќа, во тој момент се најде такси на кое избезумена му кренав рака и мислам дека никогаш побрзо не сум влетала некаде.
Највкусна храна има во…
Што се однесува до вкусот и мирисот на храната јас сум голем гурман. Како љубител на животните и почит кон нивниот живот, по определба сум вегетаријанец.
Во секоја земја наоѓам нешто што ми е омилено кај нив, но ниедна кујна не е подобра од нашата. Ми недостигаат заводливите мириси и вкусови од гастрономската лабораторија на мојата мајка. Таа знае од ништо со нејзината креативност да направи чуда.
Сејшелите се рајот на земјата, но која работа не ти се допаѓа таму?
Кога зборуваме за Сејшелите во сета нивна егзотика, бескрајно белиот песок кој е во контраст со сината вода и богатството од палми и зеленило, во целиот овој пакет на совршенство има и негативна страна.
Се случи големо невреме од грмотевици, ветер и малите бротчиња беа како играчки во немирните води. Палмите се виткаа на сите страни и во секој момент се имаше чувство дека ќе се откорнат, а синилото на небото го замени со темно сивило. Сликата за кратко беше нарушена.
Како им ја опишуваш Македонија на странците?
Мојата земја на повеќето луѓе кои ќе ги запознаам им ја опишувам како мал бисер во срцето на Балканот, земја со богато културно наследство, историја, водни ресурси, цркви и манастири, православно ориентирана, во која се присутни и добредојдени сите останати определби.
Што од светот би сакала да донесеш кај нас?
Ние сме прекрасни луѓе, но ни недостига квалитетно образование, работна дисциплина и самопочит околу личниот капацитет. Една квалитетна индивидуа мора да поседува добро воспитување и одлично образование.
Системот кој на луѓето им наметнува колективна свест, многу е важно да функционира во интерес на индивидуата. Кај нас, за жал политиката ја сакати душата на човекот, а со тоа и шансата за личен развој. Овие работи би ги променила и би наметнала квалитетен модел од надвор.
Колку пријателствата се поинакви во странство отколку кај нас?
Луѓето насекаде во светот ги имаат истите потреби, сакаат да се прифатени, успешни и среќни. Нема преголема разлика во пријателствата, освен можеби што доминира еден акцент на поголемо почитување на туѓото време, а лојалноста во пријателството зависи од индивидуата.
Колку врските се поинакви отколку кај нас?
Партнерскиот однос во Дубаи е поразличен од моделот во западниот свет. Овде нивото на партнерство е света работа и се смета дека мажот и жената треба да имаат почит еден кон друг и мора заеднички да живеат во брак за да бидат партнери.
Не е дозволено интимност како гушкање и бакнување на јавни места. Ако партнерите не се во брак, за нив ова е неприфатливо однесување.
Романтиката е индивидуално доживување различно кај секого во однос на манифестацијата. Се сметам себе за гоооолем романтичар и го сакам целиот пакет на љубов, почит и вложување обостран труд за да се стави насмевка на личноста што ја сакаме.
Најинтересен начин на кој некој ти искажал љубов?
Понекогаш секундите знаат да бидат како часови, кога некој поминува 3.000 километри за да те изненади и да поминете кратки, слатки моменти заедно…
Каде живеат најдобро дотераните луѓе?
За модата е задолжен Њујорк, град со прекраснооблечени луѓе кои знаат да си ја изразат својата внатрешност преку модата. Балканот, исто знае да следи тренд во модата, а во останатиот дел од светот луѓето се поопуштени по тоа прашање.
Дестинација што би сакала да ја посетиш…
Мојата работа всушност ми ги исполни сите желби околу дестинациите. Единствено Јужна Америка ми е следна за истражување.
Останати градови во кои со радост сакам да се навратам се Амстердам, Токио, Хонгконг, Стокхолм, Њујорк…
Ако купуваш билет во една насока би купила за…
Билет во една насока би купила само за срцето на партнерот кој ќе ме инспирира да го поминам животот со него. Сите останати дестинации се со повратен билет.
Уште фотки од нејзините патувања:
С. С. | Црнобело