Горјан, Македонецот кој ги посети Чернобил и Припјат: „Тоа е бојно поле против невидлив непријател“

„Доколку се придржуваш кон тоа што ти го кажуваат водичите на турите, радијацијата што ќе ја акумулираш за време на посетата е минимална“, раскажува скопјанецот за својата посета на местото на најголемата нуклеарна катастрофа.

makedonecot-koj-gi-poseti-chernobil-i-pripjat-ni-gi-prenesuva-svoite-vpechatoci-01.jpg

Серијата „Чернобил“ предизвика огромен интерес кај луѓето од целиот свет за нуклеарната катастрофа од 1986 година. Токму таа го мотивираше и Горјан Јовановски од Скопје да си ја реализира долгогодишната желба да го посети ова место.

Како собра храброст за ваков потег и какви впечатоци носи оттаму?

Горјан го пренесува своето искуство од посетата на Чернобил и Припјат за CRNOBELO.com.

Колку дена престојуваше таму, како изгледаше организацијата на турата, дали имаше многу други туристи?

Јас бев на еднодневната тура, од 7 часот сабајле до 7 часот навечер, но може да се престојува и до 7 дена, со престој во самата зона. Организацијата беше супер, сабајлето автобуси нè земаа од Киев, и по двочасовно возење, дојдовме до границата на 30-километарската забранета зона.

Се зачудив дека имаше голем број на туристи, нашата агенција имаше 4 полни автобуси, плус помали минибуси и коли од другите агенции.

Сепак, немаше гужва никаде, и добро ги имаа распределено групите да одат на различни места во исто време.

makedonecot-koj-gi-poseti-chernobil-i-pripjat-ni-gi-prenesuva-svoite-vpechatoci-05.jpg

Првиот впечаток кога ги виде Чернобил и Припјат…

Искрено, 15 години ја истражувам оваа тема, не знам зошто толку сум опседнат со несреќата, но сите книги ги имам прочитано и документарци ги имам изгледано. Затоа, кога конечно дојдов, искрено не ми се веруваше дека навистина стојам во зоната.

Од друга страна, тоа е место на катастрофална несреќа, страдање и смрт, и секако тоа не ме остави рамнодушен, зошто Чернобил е бојно поле против невидлив непријател.

makedonecot-koj-gi-poseti-chernobil-i-pripjat-ni-gi-prenesuva-svoite-vpechatoci-03.jpg

Кои места точно ги посети?

Со еднодневната тура, се посетуваат сите битни места. Од селото Копачи – закопано село под земја зошто куќите не можеле да се деконтаминираат од радијацијата, до напуштениот град Припјат каде што живееле сите научници, до големиот таен радар Дуга што советите требале да го користат за следење ракети од Америка, и секако самиот комплекс на реактори каде што настанала несреќата.

makedonecot-koj-gi-poseti-chernobil-i-pripjat-ni-gi-prenesuva-svoite-vpechatoci-02.jpg

Во каква состојба се растителниот и животинскиот свет во моментов?

30-километарската забранета зона околу реакторот е станата еден вид национален парк, каде што има многу малку луѓе, а сè повеќе животни и природа.

Беше неверојатно колку лесно природата го заземаше назад градот Припјат, по само 30 години. Дрвја и зеленило беа насекаде, слободно можеш да се изгубиш во нив и да мислиш дека си во шума, а не во град.

Животните пак, се враќаат се повеќе во зоната, бидејќи се безбедни таму од луѓето, и можат да живеат во спокој.

makedonecot-koj-gi-poseti-chernobil-i-pripjat-ni-gi-prenesuva-svoite-vpechatoci-07.jpg

Каква е радијацијата моментално? Колку е штетна за човековото здравје?

Доколку се придржуваш кон тоа што ти го кажуваат водичите на турите, радијацијата што ќе ја акумулираш за време на посетата е минимална. Но, секако постојат делови од зоната што се доста високо радиоактивни, и треба да се избегнуваат.

Се сеќавам на еден дел од Припјат, под големото тркало во луна паркот, каде што радијацијата беше 1.600 пати над дозволеното, но тоа беше само на простор мал колку нокт. Бидејќи со нас носевме гајгеров бројач, секогаш знаевме на колку радијација сме изложени.

Зачудувачки беше дека истиот бројач го имавме вклучено за време на нашиот лет од Киев до Амстердам, и за 3 часа во авион добивме дупло поголеми зрачење отколку за 12 часа во зоната.

makedonecot-koj-gi-poseti-chernobil-i-pripjat-ni-gi-prenesuva-svoite-vpechatoci-04.jpg

Што ти остави најсилен впечаток од оваа посета?

Напуштениот град Припјат. Тој бил изграден во 70-тите, што е поново од некои згради во Скопје, и беше неверојатно да се види како целосно е напуштен.

Луѓе, мислејќи дека ќе се вратат набргу, оставиле многу од нивните работи дома, а сега тие се расфрлани низ напуштените станови, маркети и улици.

Посебно кога влеговме во градинката, гледајќи чизмички од деца собрани на куп во една од собите, беше... тешко.

Расфрлени предмети од ненадејното заминување на луѓето... Колку овие напуштени домови раскажуваат приказни?

Премногу. Иако, голем број од нивните предмети биле закопани после несреќата, за да се спречи крадци да доаѓаат во зоната, сепак сликите на ѕидовите, облеката и обувките, весниците и празните рафтови на маркетите, сите тие даваат слика на еден совршен и безгрижен период што постоел во градот.

Сепак, Припјат бил така-наречен модел град, кој требал да биде пример за еден совршен советски град. За жал, денес тој е далеку од таа замисла.

makedonecot-koj-gi-poseti-chernobil-i-pripjat-ni-gi-prenesuva-svoite-vpechatoci-08.jpg

Што мислиш дали овие места некој некогаш повторно ќе ги нарекува свој дом?

Да, но тоа нема да се луѓе, туку животни. Тие полесно се имаат приспособено да живеат со високата радијација, и се враќаат во зоната во сè поголем број.

За нив, тоа е прекрасно место да се избегне човечки контакт, и можат слободно да живеат. Но, има и мал број на луѓе што имаат одбиено да ја напуштат зоната, и до ден денес живеат во неа.

Колку сметаш дека серијата „Чернобил“ е реален приказ на тоа што навистина се случило?

Дечките навистина се имаат потрудено да бидат што е можно попрецизни при раскажување на случката. Паралелно со серијата, има и подкаст наречен Чернобил, кадешто режисерот раскажува точно што е реално во секоја епизода, а што е повеќе фикција и уметност, како и причините за таквите измени.

Но, генерално, многу од сцените во серијата навистина се имаат случено. Една од најдобрите книги што навлегува во деталите на ова е „Midnight in Chernobyl“, и искрено ја препорачувам на секој што сака да биде вратен во тој период.

makedonecot-koj-gi-poseti-chernobil-i-pripjat-ni-gi-prenesuva-svoite-vpechatoci-06.jpg

Како реагираа твоите најблиски кога им кажа за идејата за ова патување?

„Ти си будала“ – беше најчеста реакција. Но, блиските што ме познаваат најдобро, знаеја дека многу сум заинтересиран за Чернобил, и јасно им беше дека ќе дојде денот кога навистина ќе појдам во зоната, за да дадам почит кон сите оние што страдаа и ги дадоа своите животи за сите ние да може да живееме без страв од радијација.

Фотки од неговото патување:

С. С. | Црнобело

Би можело да ве интересира:

„Бев на борба со бикови во Севиља, Малага ги има најубавите зајдисонца“: Боро од Скопје за посетата ... „Без разлика дали ги сакате или мразите, борбите со бикови во Шпанија се многу п...
Теона Манго го посети Мексико: „Тулум е рај, а локалците се фини, но знаат да лажат за да ти земат п... „Тулум е еден одличен спој на одмор и забава. Ова е место каде што можете рано н...
Маринела од Прилеп го посети Мексико: „Шишенце вода на плажа е 10€, пирамидите во Чичен Ица се волше... „Најголемата причина што сега отидовме во Мексико, беше свадбата од еден од најд...
Александра од Скопје ја посети Шри Ланка: „Ја направив фамозната фотка од воз на инфлуенсерките, но ... „Сите што сакаат да ја направат познатата фотографија, обично букираат втора или...
Моделот Павле Николовски го посети Исланд: „Ручек во ресторан не е под 150 евра, најевтин бургер е 2... „Исланд е третата најскапа земја во светот, а цените се скоро 10 пати повисоки о...
Марио Савовски го посети Рио де Жанеиро: „Другари беа пречекани со пушки во фавелите, но градот ме п... „Едно нешто што не бев свесен е колку е всушност исполнет со ридови и планини са...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg