Сара Цветковска: „Мирисот на Индискиот Океан и сафарито во Кенија ќе ги помнам засекогаш“

„Патот дотаму беше навистина мачен и помислував „Зошто ми требаше ова“ кога слетав и го почувствував пеколното афричко лето, но Најроби ме воодушеви со различностите, а Кенијците со уметничкиот дух - Кенија дефинитивно е прекрасно искуство“, вели 22-годишната скопјанка.

intervju-sara-cvetkovska-mirisot-na-indiskiot-okean-i-safarito-vo-kenija-kje-gi-pomnam-zasekogash-01.jpg

Сара Цветковска (22) е апсолвент на Економскиот факултет и паралелно работи part time job во СОС Детско село како сметководител.

Вели дека како мала растела слушајќи за патувањата на личност од нејзиното семејство и токму оттаму се инспирирала да го прошета светот еден ден.

Сара досега ги има посетено Холандија, Данска, Израел, Турција, Шведска, Полска, Франција, САД и оттаму носи бесценети спомени.

Последната дестинација на листата ѝ е Кенија и за CRNOBELO.com ги споделува впечатоците оттаму:

Поводот за посета на Кенија и зошто токму Кенија?

Посетата на Кенија имаше една главна цел, да си дадам одговор на прашањето дали Африка би можела да стане нов дом за мене и дали замислените аспирации за волонтирање низ афричките територии навистина се мојот избор.

intervju-sara-cvetkovska-mirisot-na-indiskiot-okean-i-safarito-vo-kenija-kje-gi-pomnam-zasekogash-08.jpg

Како се одвиваше патувањето дотаму?

Патувањето го реализирав заедно со мојата сосетка, која е воедно е моја пријателка од „пелени“. Растејќи заедно, растеа и нашите фантазии за посета на Африка сè додека една ноќ не го кликнавме долго посакуваното „Book a ticket“.

Мора да признаам дека двете мразиме авиони и патувањето до таму беше проследено со фрази од типот „Зошто одиме? Никогаш повеќе нема да летаме“.

Долгата разлика помеѓу двата лета ни овозможи да поминеме и ден во магичната Доха, Катар која дефинитивно сакам повторно да ја посетам и подобро да ја истражам.

intervju-sara-cvetkovska-mirisot-na-indiskiot-okean-i-safarito-vo-kenija-kje-gi-pomnam-zasekogash-04.jpg

Првиот впечаток по слетувањето...

Првиот впечаток по слетувањето не беше многу поразличен од фразите со кои помина нашиот лет, бидејќи терминалот на кој слетавме беше една мала, пластична куќичка, преполна со љубопитни лица на туристи од сите страни на светот кои, како и ние, се обидуваа да се справат со термичкиот шок што го носи афричкото лето во декември.

Но, сепак Најроби ме изненади со екстремите кои може една обична улица да ги понуди, од високи луксузни облакодери на самиот почеток до сламени куќички и борба за опстанок на крајот.

intervju-sara-cvetkovska-mirisot-na-indiskiot-okean-i-safarito-vo-kenija-kje-gi-pomnam-zasekogash-07.jpg

Кога велам декември и јануари во Кенија мислам на...

Тропски празници!

Дали имаше некоја подготовка пред заминувањето во поглед на вакцини, лекарства итн?

Колку и да звучи забавно патувањето на вакви дестинации, сепак постојат ризици кои влијаат на здравјето на патникот и тоа за нашите краишта и не толку познати болести за кои е речиси невозможно да се најде лек на балканските пазари.

На самиот влез во вакви држави потребно е да се поседува сертификат кој го издава Институтот за Јавно здравје во Скопје на кој треба да има печат дека патникот е вакциниран против жолта треска и печат дека се консумираат превентивни лекови против маларија кои треба да се пијат 1-2 недели пред патувањето, за време на престојот и 2 недели по престојот. Но, сепак ваквите превентиви не гарантираат апсолутна безбедност.

intervju-sara-cvetkovska-mirisot-na-indiskiot-okean-i-safarito-vo-kenija-kje-gi-pomnam-zasekogash-06.jpg

Најзабавната активност...

Дефинитивно сафари. Можам да кажам дека турата дава посебно чувство.

Досега кога сум посетувала зоолошки градини дивиот свет бил ограничен и затворен во кафези или мали области во кои можеле да се движат, а сафари е сосема спротивното. Човекот е ограничен во размерот на едно возило и е буквално гостин на дивиот свет.

intervju-sara-cvetkovska-mirisot-na-indiskiot-okean-i-safarito-vo-kenija-kje-gi-pomnam-zasekogash-03.jpg

Најнезаборавниот миг...

Моментот кога прв пат го видов Индискиот Океан и го почувствував неговиот мирис, заедно со нереалната природа и вегетација која беше само на неколку метри од него.

Најлошото искуство...

Прашање на кое најтешко можам да одговорам, но сепак ќе ги споменам комарците и ризикот од маларија и сета претпазливост за заштита од нив.

intervju-sara-cvetkovska-mirisot-na-indiskiot-okean-i-safarito-vo-kenija-kje-gi-pomnam-zasekogash-10.jpg

Како изгледа комуникацијата со локалните жители, каква е услугата и цените?

Жителите се неверојатно топли и весели, упорни трговци кои не сакаат да пропуштат турист без да купи нешто од нив, па макар и нивен личен предмет. Цените се драстично различни и дури нереални кога станува збор за туристи, но можеше да се дојде до прифатлив компромис по долги преговори.

Морам исто така да ја споменам дарбата и смислата за уметност на Кенијците, особено уметничките дела инспирирани од племето Масаи кои и најслабиот познавач на уметноста го оставаат без зборови.

intervju-sara-cvetkovska-mirisot-na-indiskiot-okean-i-safarito-vo-kenija-kje-gi-pomnam-zasekogash-05.jpg

Дали имаше други туристи и од кои земји? Колку Кенија е атрактивна како туристичка дестинација?

Изненадувачки, Кенија е доста атрактивна дестинација за туристи од целиот свет.

Овде би сакала да споменам случка каде на соседната маса во местото каде вечеравме имаше маса со повеќе од 15 балкански туристи кои беа на посета на источна Африка, што е навистина доказ дека Кенија има што да понуди и привлекува туристи од сите страни на светот.

intervju-sara-cvetkovska-mirisot-na-indiskiot-okean-i-safarito-vo-kenija-kje-gi-pomnam-zasekogash-09.jpg

Дали сретна некои интересни животински или растителни видови?

Најмногу бев воодушевена од вегетацијата во Кенија, поточно од видовите на дрвја како што се Акација и Баобаб, кои едноставно не дозволуваа поглед кон нив пократок од пет минути.

Што ти остави најмногу впечаток од нивната кујна?

Ако под кујна можам да наведам коктел тогаш дефинитивно тоа е нивниот традиционален коктел Дава (Dawa) преведено од Свахили: Лек.

intervju-sara-cvetkovska-mirisot-na-indiskiot-okean-i-safarito-vo-kenija-kje-gi-pomnam-zasekogash-06.jpg

По посетата на Кенија, која е следната дестинација на листата?

По посета на ваква тропска дестинација би сакала да одам во најголемиот екстрем, а тоа е Исланд.

Немам ништо конкретно испланирано околу ова патување, само една желба од детство како што беше и Африка која се надевам ќе ми се исполни.

Фотки од нејзиното патување:

С. С. | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Бранко Попоски патуваше низ Португалија: „Ме воодушеви Синтра, не смеете да пропуштите возење со жол... „Албуфеира, за мене, беше бисерот на југот. Многу ме потсети на наш Охрид и Варо...
Спасе Манев за одморот во Албанија: „Најскапите лежалки се 35 евра, сместувањата се подобри од Грциј... „Најскапите лежалки беа 35 евра на плажата Тре Ишујт, 30 евра на Бора Бора, а на...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg