Елена од Берово работи со недвижнини во Мадрид: „Кирија за еднособен стан е 1.000 евра, тука не ги интересираат комшиски муабети“
Како функционираат здравствениот систем, но и општо институциите?
Јас за среќа само еднаш сум имала потреба да одам во болница и тоа на еден фудбалски натпревар кога ме удрија со топка во глава. Не беше ништо сериозно.
Но, еве пред некој ден имав искуство да ги посетам двете најголеми болници во Мадрид каде што беа примени седум Македонци на лекување, засегнати во пожарот во Кочани.
На тројца од нив им се направи трансплантација на кожа и можам да кажам дека во здравството се беспрекорни. Брзи, ефикасни и спремни. Болниците огромни и чисти.
За секоја останата институција би рекла дека се релаксиран народ што не се стресува многу, но сепак ги врши своите работи коректно и одговорно.
Она што морам да го истакнам е начинот на функционирање и ефикасноста на полицијата и пожарникарите. Тоа не може да се спореди со Македонија.
Едноставно им се восхитувам и посакувам Македонија да располага со толку спремен, обучен и ефикасен кадар во прекрасни услови.
Што ти недостасува од Македонија?
Покрај фамилијата и другарите, ми фали снег и ми фали македонската храна дефинитивно, иако ја обожавам шпанската. Ми фали беровско сирење, ми фали баклава, а исто така ми фали и македонско кафе.
Вкусно е и тука, но сметам дека во Македонија кафето е подобро. Ми фали и чистиот воздух на Берово и снегот со кој пораснав.
Како си прифатена како дојденец, се дружиш ли со локалците?
Освен тоа дали си од странство, во Шпанија е многу битно од која држава си. Генерално се народ кој ги прифаќа сите, но понекогаш гледаат со лоши очи на одредени националнисти.
Кога ќе кажам дека сум од Македонија првата импресија е чудење. Тука речиси и да нема Македонци и интересно им е кога ќе сретнат некој. Се чувствувам многу прифатена во околината, но морам да кажам дека се трудам да прифатам сè нивно затоа што дојденецот овде сепак сум јас.
Од друга страна Балканците не нè бие многу добар глас, но за среќа никогаш, апсолутно никогаш не сум имала проблем. Имам многу пријатели Шпанци и претежно се дружам со локален народ.
Има ли многу Македонци кои живеат таму, но и туристи од Македонија?
Има многу малку Македонци што живеат тука, а Мадрид, Барселона и местата покрај море се местата кај што се сконцентрирани повеќето од нив.
Ние тука се дружиме, се собираме за Божиќ на ручек секоја година а дури имаме и културно здружение кое се вика Сонце.
Од друга страна сè повеќе Македонци ја посетуваат Шпанија. Безброј Македонци веќе дојдоа да си го остварат сонот и да погледнат некој натпревар на Сантијаго Бернабеу, но и да ја истражат шпанската култура, гастрономија, пеjзажи и сè што Шпанија нуди.
Што ти се допаѓа најмногу од животот во Мадрид, а што не ти се допаѓа и те нервира?
Она што најмногу ми се допаѓа од Мадрид е можноста за работа што ти ја нуди. Тука само треба да имаш желба за работа и можеш да напредуваш со брзина на светлината.
Мадрид е одличен за правење пари, но не е место во кое би останала засекогаш. Затоа на лето се селиме повторно во Севиља, која е помало и потопло место, а сепак е главен град на Андалузија каде што можностите се големи во секоја смисла.
Она што најмалку ми се допаѓа е тоа што сè е достапно и лесно, па дури би рекла и неконтролирано. Се однесува на лошите работи и навики на живот.
Тоа сè повеќе ме загрижува, но би рекла дека веќе во такво време живееме каде што имаме пристап до сè.
Колку е лесно да се најде работа како дојденец? Се цени ли трудот на вработените, каков е животот на поле кариера?
Тука има работа за секој што сака и има вистинска желба да просперира. Сметам дека во Македонија дипломата е побитна од тука, во смисла што во Шпанија ги ценат повеќе работните навики и одговорноста.
Тука нема вработување со врски. Секој си се бори сам за себе. Мене воопшто не ми беше тешко да најдам работа, а со мојата желба да напредувам успеав да се протнам за кратко време.
Вистина е дека посветив уште две години на учење тука и се исплатеше. Шпанија е земја што ти нуди многу можности, само треба да бидеш амбициозен и истраен.
Што те врзува за Египет или едноставно ти се допаѓа како туристичка дестинација, со оглед на тоа што често си таму? Патуваш ли често, си посетила ли повеќе места низ Шпанија?
Египет го носам на срце од културолошка гледна точка. Сметам дека Египет е мајка на цивилизацијата и како личност што ја сака историјата морам да кажам дека во право биле сите што се поклониле пред портите на стар Египет.
Жал ми е што во денешно време не поседува многу добра репутација и сликата што ја остава е доста жална и болна, но е парче под небото кое просто го обожавам и секојпат кога одам чувствувам посебна енергија. Би се вратила уште стопати да можам.
Освен тоа, знаејќи ја поврзаноста со Александар Македонски, не можам, а да не го сакам. Од друга страна со партнерот доста често патуваме.
Ние живееме на релација Мадрид – Гран Канарија затоа што тој е токму од таму. Поради работа доста често патувам, а партнерот секогаш ме дружи.
Еве денес дојдовме од Менорка, а утре одиме на Ла Палма. Од еден крај на друг. Нашиот омилен регион е Андалузија и токму поради тоа се селиме таму на лето.
А често патуваме и надвор од Шпанија. Нашето работно време е доста флексибилно и ни дозволува да можеме да патувам колку што сакаме.
Би се вратила ли да живееш во Македонија?
Многу е тешко да се одговори на ова прашање. Не можеш да негираш од кај си и што си, па затоа не би рекла дека не би се вратила.
Обожавам кога сум дома, особено во Берово, но морам да признаам дека би се вратила само ако немам друга опција. Тешко е да се вратиш после сè што си видел по белиот свет.
Ако мене ме прашувате, јас си го најдов местото во коешто сакам да го земам и последниот мој здив и не би го менувала.
Јас, а и сите што излегле од Македонија, веќе не сме исти и доаѓа еден момент кога се чувствуваш странец и во странство, но и дома, ако ми дозволите да бидам искрена.
© CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
М. М. | Црнобело
Би можело да ве интересира:





