Елена од Берово работи со недвижнини во Мадрид: „Кирија за еднособен стан е 1.000 евра, тука не ги интересираат комшиски муабети“
- Детали
- вторник, 29 април 2025
„Тука прво ме донесе љубовта кон Реал Мадрид, но пронајдов и вистинска љубов – мојот дечко Шпанец, толку ја сака Македонија, што истетовира македонско знаме. Цените на недвижнините моментално се најлоши и тешко е млад пар да купи нешто, повеќето изнајмуваат. Тука луѓето се либерални, а никој не се договара за кафе, туку директно се оди на пиво“ - Елена Бојчовска (32) од Берово за CRNOBELO.com раскажува за животот во Мадрид.
Елена Бојчовска (32) од Берово, веќе 10 години живее во Шпанија - првите две години во Севиља, остатокот во Мадрид, а наскоро повторно во Севиља.
Таму таа работи како агент за недвижнини, а вели дека иако е странец, не било тешко да најде работа, бидејќи лесно може да се успее ако се сака.
Елена го обожава духот на Шпанија и се чувствува како локалец, а токму таму ја пронашла и љубовта кај својот сегашен партнер од Гран Канарија, кој често ја придружува на сите нејзини патувања низ земјата.
За животот таму, тоа што ја задржало и во што најмногу се вљубила, цените на секојдневниот живот и на недвижнините, но и секојдневието на локалците, Елена за CRNOBELO.com раскажува...
Кога се пресели во Мадрид, колку време живееш таму и како дојде до таа одлука? Што те однесе таму, а што те задржа?
Отсекогаш сакав да живеам во Шпанија. Не во странство, не во која било држава, не каде било туку точно во Шпанија.
Понекогаш се сомневам дека во претходниот живот сум била Шпањолка. Тука ме донесе љубовта кон Реал Мадрид иако на многумина ќе им звучи чудно, а ме задржа шпанската култура, гастрономија, начин и динамика на живот, народот, пејзажите и архитектурата… ма сè!
За првпат дојдов овде пред точно 10 години и живеев две и пол години во Севиља, а остатокот во Мадрид. Велам, уште малку, затоа што на лето повторно се селиме во Севиља со мојот партнер.
Каков е Мадрид за живот во споредба со Македонија? Доживеа ли некој културен шок кога се пресели?
Животот во Мадрид е прекрасен! Многу брз, многу динамичен, исполнет со авантури затоа што секој ден е различен. Мадрид е огромен.
Понекогаш ти треба и еден час па дури и повеќе за да стигнеш од едно место до друго. Доживеав многу културни шокови откога сум дојдена.
Некои ги прифатив, а некои сè уште ми се чудни и неприфатливи. Во секој случај ја преферирам слободата на Мадрид и Шпанија воопшто.
Колку се Шпанците слични на нас? Какви се како народ?
Шпанците и се и не се слични на нас. Пример, од една страна тие се народ за забава, отворени, пријателски настроени, бучни и позитивни и во таа смисла наликуваат на нашиот народ.
Од друга страна, имаат поотворени ставови, полиберални се, не ги интересираат комшиски муабети и не го ценат образованието како македонскиот народ.
Кога љубовните врски се во прашање и тука се полиберални. Сакаат да експериментираат, љубопитни се, а за тоа колку се сериозни, исклучиво е индивидуално.
Како се запознавте со партнерот? Бил ли во Македонија? Како му се допадна нашата земја и народот? Како сте меѓусебно прифатени кај семејствата и пријателите?
Дечко ми ја обожава Македонија! Досега бил само двапати, но еве, за помалку од еден месец одиме повторно.
Ја сака толку многу мојата земја што го истетовира македонското знаме на левата надлактица.
Ја сака македонската храна, народот, Берово, па дури и зборнува по некоја реченица на македонски. Се запознавме во Севиља, иако тој е од Канарските Острови.
Тој беше на работа, затоа што е во единица за брза интервенција, а јас бев на фудбалски натпревар. Сè беше така спонтано, но се случи љубов на прв поглед.
Како изгледа секојдневието во Мадрид, какви се навиките и рутините на локалците?
Секојдневието во Мадрид е многу динамично. Најчесто работат двократно затоа што тука попладневната дремка, таканаречена сиеста, е религија и сите ја почитуваат.
Чудно ми беше што дури и кујните во ресторан затвораат за време на сиеста и можеш да останеш гладен ако задоцниш. Тука народот не се договара да оди на кафе.
Тука директно се оди на пиво без разлика кој ден од неделата е. Штом излезе сонце, сите се на улица, а на 19-20 степени се оди на море.
Навиките на народот исто варираат во зависност од областа. Луѓето на север се посериозни и позатворени, додека југот е сосема спротивно.
Ако ме прашате мене, мој омилен регион е Андалузија и сметам дека им нема конкуренција во секоја смисла. Тоа е најпозитивниот и најшармантниот народ што постои.
Освен тоа секогаш се средени и внимаваат на изгледот и тоа ги карактеризира.
Колку е скап животот во Мадрид? Како се движат цените на недвижности, за изнајмување или купување? И дали Шпанците повеќе купуваат или изнајмуваат?
Ова можеби е најсоодветното прашање за мене. Јас како агент за недвижнини сум сведочела подеми и падови на пазарот за недвижнини, но можам да кажам дека моментално сме во најлошиот период во историјата кога цените се во прашање. Имаме многу мала понуда, а со тоа огромна побарувачка.
Сè потешко е за еден млад пар во Шпанија да може да купи недвижнина, затоа што банките финансираат само еден дел од хипотеката, но бараат доста големо учество и добар историјат на работа.
Во поранешно време условите за купување биле многу пофлексибилни, цените многу подостапни и народот купувал повеќе. И во денешно време се купува, но повеќето можат да си дозволат само да изнајмат.
Цените за сè зависат од регионот, но еве пример цена на еден еднособен стан во Мадрид од прилика е 1.000€ кирија, а од прилика 300.000€ доколку сакаш да купиш.
Цената на едно кафе е 1.80€, да наполниш една кеса со основни намирници во маркет од прилика 70€ а вечера за двајца на едно нормално место 100€.
Продолжува на следната страница...
Би можело да ве интересира:





