Марко Марк го посети Њујорк: „Градот е спектакуларен, овошјето има вештачки вкус, билет за Бродвеј е и до 300$“
При прошетките го посетивме и Lower Manhattan, односно финансиската област во Њујорк и Wall Street, каде што се наоѓаат големите компании, брокерски друштва, каде што работат некои од најголемите бизнисмени.
Стигнавме и до скулптурата на големиот бик, која е препознатлива за оваа финансиска област.
Тука е и World Trade Center и Кулите близначки, но за жал, иако застанавме во ред за да стигнеме до Меморијалниот центар 9/11, ни кажаа дека билетите (кои чинат 33 долари) за тој ден се распродадени и дека не може да се купи влезница.
Искрено, можевме да се вратиме неколку дена подоцна и да го посетиме, зашто велат дека тука најемотивно се доживува градот, но ете, нешто ќе остане и за следниот пат.
Стигнавме и до Brooklyn Bridge, но не успеавме да го прошетаме цел бидејќи имаше толку многу гужва, што не можеше да се разминеш со луѓе во пешачката зона.
Токму затоа овој пат не го посетивме Бруклин, уште една интересна област во градот.
Инаку самиот мост е грандиозен, но има и други мостови кои се подеднакво убави, и вреди да се видат.
Едно од поубавите искуства беше искачувањето на Empire State Building.
Билетот за таму чинеше 40$. Терминот за качување си го закажувате сами, а сами бирате и до кој кат ќе се качите.
Ние се качивме на 88-от кат. Ако сакате да отидете некој кат погоре, тоа ќе ве чини уште околу 40$ плус.
Мене лично ме фасцинираше и малото футуристичко паркче Little Island, а се наоѓа во близина на Chelsea Market.
Паркот е на кејот на реката Хадсон и луѓе тука постојано џогираат, тренираат, медитираат, дури и на минусни температури.
Во кое време од годината и да се посети, тука се случува нешто интересно.
Луѓе доаѓаат да цртаат, да пишуваат, читаат, и баш е како еден креативен простор на отворено, како ботаничка градина со интересни архитектонски елементи.
Има и неколку сцени на кои се организираат концерти, танцови натпревари и е многу забавно.
Chelsea Market, пак е како улица со многу мали продавнички и молови, кои се наоѓаат во згради.
Концептот е многу интересен, бидејќи излегувате од една продавница, влегувате во некој ходник, тој ве води до друга продавница, па оттаму е пак ходник...
Во Њујорк има и 2 ексклузивни кина, и тоа AMC и Regal, кои имаат седишта кои се спуштаат и можете да си лежите додека го гледате филмот, но и сали со 7Д проекции.
Ние посетивме едно од кината што се наоѓаат на Менхетен и го гледавме новиот филм за Дракула, Count Nosferatu.
Што се однесува до билетите за градскиот превоз, тие се прилично достапни и за нас - 2,5$ за метро, 3,5$ за автобус, но имаше и неделни билети, кои чинеа околу 30-40$.
Има многу луѓе кои се шверцуваат и ги прескокнуваат рампите, но секаде има камери кои го бележат тоа - никој нема да дојде да ве казни.
Во некој момент сфатив дека колку и да изгледа гламурозен градот, тука е оној другиот дел, односно сиромашни луѓе, бездомници, луѓе кои живеат многу бедно, што, искрено, ме вознемири.
Ако сакате да јадете во ресторан во Њујорк, дури и да не е многу луксузно и познато место, оброк може да ве чини по 40-50$ од човек.
Градот е многу скап во однос на храната, пијалаците, ноќниот живот, излегувањата.
Во градот има и многу маркети, дури и Lidl, а каде за многу попристапни цени можете да си купите убави и квалитетни продукти и да си зготвите барем еден убав оброк во денот.
Од друга страна, дел од овошјето и зеленчукот што го пробавме има вештачки вкус, па мислам дека сме многу благословени што имаме толку вкусни земјоделски продукти кај нас.
По сето ова што го видов, би сакал пак да го посетам градот, за да ги видам и доживеам и другите делови на градот, но мислам дека никогаш не би можел да живеам на место со толку врева и гужва, колку и да е убаво.
Повеќе фотографии во галеријата:
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
А. Ј. | Црнобело