Спасе Манев за одморот во Албанија: „Најскапите лежалки се 35 евра, сместувањата се подобри од Грција и Црна Гора“
Постои ли разлика во цените од едно место до друго? Каде е најскапо, а каде најевтино, според тебе?
Има некоја минимална разлика во цените, но има разлика и во квалитетот.
На пример трилече во слаткарницата „Блета“, каде што сум го пробал најубавото во животов, е со иста цена на повеќето места, а на некои места е со 50 леки поевтино или поскапо.
Во Ксамил цените од едно до друго место немаат голема разлика, така што каде и да седнете, нема многу да изгубите.
Дали летово имаше голем број туристи од регионот? Кои туристи беа најбројни?
За мене, големо изненадување беше што оваа година во Ксамил, но и во другите места и градови што ги посетив, имаше многу туристи од Англија, Германија, Холандија, Шведска, Унгарија и Романија, но имаше и од Македонија на плажите во Ксамил, а изостанаа српските туристи, кои беа најбројни во 2021 година, но сметам дека тоа се должи на фактот што многу држави во регионот како Грција, Хрватска, Црна Гора и Турција беа потешко пристапни поради Ковид пандемијата.
Од сите места што ги посети, кое ти остави најголем впечаток? Зошто?
Кога патувам некаде, посетувам туристички места од различен тип.
Тешко е да се издвојат неколку, кога уживаш дури патуваш и им се посветуваш на сите места со многу љубов.
Но ако треба некои да издвојам, тоа би биле:
- Една од најголемите туристички атракции во цела Албанија е најголемиот извор во земјата, а тоа е Синото око, кое најмногу ме импресионираше.
Тоа е извор кој не се знае колку е длабок и сè уште никој не се осмелил да го истражи тоа, поради големиот притисок во длабочината.
Кога и да отидете до изворот, ќе наидете на многу туристи, претежно странци од поразвиените земји од Европа.
Иако пред 3 години беше дозволено бањање тука, сепак овојпат тоа беше забрането.
- Голем впечаток ми остави и замокот Лекуреси, од каде што го има најубавиот поглед на зајдисонце во регионот и е една од најпосетените туристички знаменитости во Саранда.
- Исто така се воодушевив на убавините на малото симпатично гратче Ѓирокастро, кое го препорачувам на секого да го посети и е на патот кон Ксамил и Саранда.
- Тирана ја посетив за првпат и тоа што на прво око го забележав и големото изобилство на зеленило.
Градот го има и еден од најголемите паркови помеѓу главните градови на Балканот и тоа е една од најпосетените знаменитости во градот.
Која е според тебе најубавата плажа таму и зошто е убаво да ја посетиме?
Иако плажите во Ксамил се убави, со бел песок, чиста и бистра вода, сепак се тесни, па во тој случај како најдобра би ја издвоил плажата Пема е Тате.
Оваа плажа се наоѓа на 3.5 km од центарот на Ксамил. Плажата е доволно голема, со природен ситен песок, со чиста и бистра вода, додека плажите во Ксамил се со бел вештачки песок, донесен пред 1-2 години.
Оваа плажа е една од најпопуларните во Ксамил и регионот. Има голем приватен паркинг кој не се наплаќа, има бар и пицерија, убави лежалки кои се со цена од 20, 15 и 10 евра, додека на палубата во вода, за да лежите на мрежите над водата, се наплаќа 100 евра, и таму може да се сместат и до 4 луѓе.
Тоа што ја прави уште подобра оваа плажа е тоа што има диџеј на палубата кој пушта добра музика и ја прави атмосферата одлична.
Цените на пијалаците овде се за малку поевтини од тие во Ксамил. При влезот на плажата има видиковец од каде што има преубав поглед кон плажата и околината.
Иако се потесни и со вештачки песок, сепак би ги препорачал и плажите Тре Ишујт, Лори и Бора Бора во Ксамил.
Многу познати плажи во светот исто така имаат вештачки песок, така да тоа не би требало да ве предомислува да ги посетите плажите во Ксамил.
Каков е ноќниот живот? Кое место има најдобри клубови и забава, според тебе?
Доколку сте сместени во Ксамил, најдобрата опција за ноќен живот е Саранда, која е во непосредна близина.
Иако Саранда има помалку убави плажи, сепак во ноќните часови е многу посетена, а тука ќе најдете и многу ресторани, барови со убав амбиент и атмосфера и неколку дискотеки, од која најпопуларна е „Orange“ и за која се наплаќа влез од 10 евра.
Иако Саранда има поразвиен ноќен живот, можете убаво да си поминете и во Ксамил.
Најпосетената и најубавата дискотека во Ксамил е „Bianco“, која се наоѓа на една од највисоките згради во селото, со преубав панорамски поглед на Ксамил и околината.
Скоро секоја вечер тука настапуваат ди-џеи, кои пуштаат одлична музика.
Цените овде за разлика од другите места се поскапи, па така за еден убав алкохолен тропски коктел треба да одвоите 1.300 леки (13 евра), пиво 800 леки (8 евра), Ред бул 800 леки (8 евра).
За коктелите во баровите низ Ксамил треба да одвоите по 500, 600 и 700 леки.
На плажите во Ксамил има и дневна пена забава, а тоа можете да го доживеете на плажите Пода и Фога.
Каква е храната? Што е она што тебе ти остави најголем впечаток?
За храната во Албанија имам различно искуство. Пробав и традиционална и друга храна како пица и гиро. Од традиционалната храна во Албанија сум презадоволен, но од пицата и гирото воопшто не сум.
Сметам дека во Македонија ние правиме подобра пица во рестораните, но и подобро гиро од тоа коешто се прави во Албанија.
Може ли да се оди во Албанија со сопствена режија или неопходно е да се оди преку агенција? Лесно ли се наоѓа сместување?
Бидејќи Албанија е подостижна дестинација за нас Македонците, сепак за тие што имаат свое возило, им препорачувам да одат со сопствено возило, отколку со автобус.
Доколку одите со сопствено возило, не сте толку ограничени за да посетувате туристички знаменитости и места, додека ако одите со автобус, до повеќето плажи треба различно да пешачите.
Според мене подобар избор за патување на одмор во Албанија е со сопствен превоз.
Цените на сместувањето варираат, па најдобро е да резервирате месец и пол порано, за да најдете слободен сместување и добра цена.
Иако во Македонија тоа веќе не е пракса повеќе од 20 години, сепак во Ксамил сè уште има луѓе што со напишани картони, чекаат гости во нивното сместување.
Претежно тоа се постари луѓе, но таква опција со одење на слепо не ви препорачувам.
Иако можеби би пронашле сместување и на тој начин, условите и сместувањето не е исто како тоа што ќе си го најдете преку платформите за сместување како Booking и Airbnb.
Доколку сакате да ги избегнете големите гужви, препорачувам да одите во јуни или септември, кога има помалку гужви, но и поевтинo сместување.
Доколку направам споредба на сместувањето со останатите земји во регионот што сум ги посетил неколкукратно за време на летните одмори, како Грција, Бугарија и Црна Гора, би можел да кажам дека Албанија има многу подобро сместување.
Иако досега сум бил на одмор во Албанија двапати, сепак сум презадоволен од нивното сместување и чистотата која е најважна во едно сместување.
Б. С. Б. | Црнобело