Бранко Попоски патуваше низ Португалија: „Ме воодушеви Синтра, не смеете да пропуштите возење со жолтиот трамвај во Лисабон“
Гребенот Ponta da Piedade беше вистинско чудо за мене. Природата во овој дел од Португалија не штедела на своите ресурси.
Овој гребен е познат по драматичните карпести формации, сводови и морски пештери.
Португалците направиле дрвен мост кој буквално го поврзува градот Лагос со прекрасните попатни плажи и гребенот Ponta da Piedade.
Патеките на врвот на овој гребен нудат неверојатен поглед над Атлантскиот Океан, што го прави совршено место за фотографирање и адреналински прошетки.
Вториот дел од денот се одлучивме да го поминеме во Сагрес, односно на светилникот Cape St. Vincent, кој е најзападната точка на Европа и таму да го дочекаме зајдисонцето.
За мене, ова беше едно од најубавите зајдисонца што сум ги видел во мојот живот досега.
Ден 4 - крстарење со брод до пештерата Бенагил од градот Карвоеиро
Еден од најадреналинските моменти на нашето патување беше крстарењето со брод по Атлантскиот Океан од градот Карвоеиро до пештерата Бенагил, позната по својот впечатлив отвор кон небото.
Турата со брод нè однесе низ различни морски пештери и карпести формации, нудејќи неверојатен поглед и можности за фотографирање.
Посетивме неколку пештери додека стигнавме до Бенагил, a пештерата Срце (Heart Cave) ми беше омилена.
Ден 5 - убавините на Ољао
Нашиот последен ден го поминавме релаксирајќи се во Ољао, односно во градот во кој бевме сместени, а е срцето на регионот Алгарве.
Го посетивме градскиот пазар на Ољао кој изобилуваше со свежа морска храна и локални деликатеси, и уживавме во локалнните специјалитети во стариот град.
Славењето на Св. Антониј траеше во текот на целото наше патувања, па така, последниот ден во Ољао го заокруживме со традиционална игранка и уживање во португалско вино покрај една од фестивалските сцени.
Нашата авантура во Алгарве беше совршен спој на историја, природна убавина и кулинарски задоволства.
Секој момент беше исполнет со незаборавни искуства. Уживавме во свежа морска храна, во посетата на недопрените плажи и се воодушевувавме во зајдисонца кои го одземаат здивот.
Уникатниот шарм на Алгарве и разновидните атракции го направија нашето патување навистина незаборавно.
Последните два дена од нашиот одмор ги поминавме повторно во Лисабон, зашто на Лисабон, не можеш, а да не му се вратиш.
На само 30km од Лисабон се наоѓа прекрасниот Каскаис, град познат по своите прекрасни плажи, колоритни улички и големи пристаништа. Тој е спој на релаксација и истражување.
Прошетавме низ историскиот центар, уживавме во посетата на локалните продавници и кафулиња.
Мора да признаам дека таму ги јадев највкусните ракчиња што сум ги пробал досега, во комбинација со португалско бело вино.
Во Каскаис мора да ја посетите Boca di Inferno односно „Устата на пеколот“.
Дотаму се стигнува со автомобил со кратко возење или со пријатна прошетка по крајбрежната патека.
Oва е природен феномен кој го направил самиот Аталантски Океан, а наликува на уста, па Португалците ја нарекле устата на пеколот, поради силните бранови кои удираат во карпата.
Вечерта се стопивме во духовните звуци на фадо, традиционалната португалска музика, а во Lisboa em Fado - Live music venue уживавме во едночасовен перформанс на фадо музика и португалско вино.
На последниот ден од нашето патување, ја посетивме Синтра, позната по палатите и прекрасните глетки.
Се искачивме до палатата Pena, која е сместена високо на врвот на Синтра, и морам да признаам дека е преубава.
Од палатата има неверојатен поглед на целиот град, на Атлантскиот Океан и на Лисабон.
Синтра беше едно прекрасно искуство и заокружување на нашето 10-дневно патување.
Оттаму се вративме во Лисабон, каде уживавме во прекрасната храна во познатиот Time out маркет, место кое се наоѓа во историскиот дел на градот - Mercado da Ribeira.
Ова е место за сè бидејќи има пазар, цвеќари, eдукативни катчиња за готвење и настани, португалски специјалитети, десерти, продавници за облека, сувенири и слично.
Многу интересен објект, кој е во топ 10 места кои треба да ги посетите во Лисабон.
По ова, дојде време за дома. Комбинацијата од културно истражување, кулинарски задоволства и волшебни искуства во Португалија ќе ми остави трајни спомени.
Живописните градови, прекрасните пејзажи и топлото гостопримство на Португалија ги пленија нашите срца и заминавме со длабока благодарност од оваа прекрасна и разновидна земја.
Нашето патување низ југот на Португалија и Лисабон беше навистина незаборавно и сите со нетрпение очекуваме да се вратиме за да откриеме уште повеќе од богатствата на Португалија.
Португалија е едноставно љубов!
Повеќе фотографии во галеријата:
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
А. Ј. | Црнобело