Бранко Попоски патуваше низ Португалија: „Ме воодушеви Синтра, не смеете да пропуштите возење со жолтиот трамвај во Лисабон“
Втората работа се Pastéis de Nata - колку повеќе тартови, толку посладок живот!
Oва слатко задоволство е симбол на португалското кулинарство и мора да го проба секој што ќе ја посети земјата. Мене ми станаа омилени, па беа задолжителни со утринското кафе.
Првите слатки биле направени во 19-тиот век од монасите во манастирот Jeronimos во Лисабон.
Рецептот подоцна бил продаден на позната пекара во областа Белем, која ги служи и денес.
Личат на тартови, крцкави и полни со крем од јајца и ванила.
Ако одите во Лисабон во јуни, не смеете да ги пропуштите празнувањата за Свети Антониј - заштитникот на градот, кои почнуваат од 13 јуни.
Освен што е заштитник на градот, Свети Антониј е и заштитник на љубовта и бракот.
Во тие 10 дена бевме сведоци на португалската култура, уживаме во прекрасното гостопримство на Португалците, кои за мене се едни од најгостопримливите и најтопли народи.
Португалска музика, танци, традиционалната храна, вклучително и печените сардини како главен производ на прославите, како и пеењето и танцот фадо, се едни од најважните активности за време на овој празник.
Во тоа време улиците се украсени со ленти во боја, хартиени лампиони и добиваат живост.
Првите два дена во Лисабон, максимално ги наполнивме батериите и се подготвивме за продолжување на нашата патувачка авантура на југот на земјата, односно во регионот Алгарве.
Овој регион ги има најубавите плажи кои излегуваат на Атлантскиот Океан, највкусната морска храна и се фантастично место за одмор и уживање.
Португалија нуди добро развиена транспортна мрежа што го прави патувањето во земјата ефикасно.
Се возевме со возови, трамваи, автобуси, бродски сообраќај, но на крајот одлучивме до југот да одиме со автомобил и тоа со електрично возило.
Од Лисабон до Ољао на југ, имаше околу 300km, но немаше никаков проблем за возење, бидејќи секои 30km има полначи за електрични возила. Во овој дел од државата поминавме 6 дена.
Ден 1 - пристигнување и истражување на Фаро
Нашата авантура на југот почна во Фаро, шармантната престолнина на регионот Алгарве.
Историскиот стар град, опкружен со средновековни ѕидини, калдрма на улиците и прекрасни плоштади.
Талкавме низ патеката наречена Arco da Vila, историската порта и се восхитувавме на прекрасната католичка црква од 18-тиот век Igreja do Carmo, позната по капелата на коските.
Истиот ден одлучивме да одиме на прекрасната песочна плажа Quarteira Beach, која е на само 30 минути од градот Фаро.
Сите плажи на овој регион имаат ситен песок и кристално чиста вода.
Во овој период температурата на водата е од 15 до 17 степени, а на плажите и не мораш да земаш лежалка и чадор.
Ден 2 - крајбрежниот шарм на Албуфеира
Го започнавме нашиот втор ден во Албуфеира, крајбрежен град познат по својот живописен стар дел и прекрасните плажи.
Стариот град Албуфеира е лавиринт од тесни улички и варосани згради во сина боја, шарени плочки и многу цвеќиња.
Албуфеира, за мене, беше бисерот на југот. Многу ме потсети на наш Охрид и Варош.
Имаше некоја посебна енергија. А градската плажа во Албуфеира е прекрасна.
Но сепак, одлучивме да не останеме тука, туку да одиме до градот Виљамура и прекрасната плажа Фалесија, позната по своите црвени карпи и големите песочни брегови.
Идеална е за мирен ден на плажа и живописни прошетки крај брегот.
Ден на плажа не можеше да помине без португалската сангрија (3,4 - 4,5 евра) или португалско пиво.
Едни од најпознатите португалски пива се Sagres и Super Bock (чинат по 3 евра).
Ден 3 - aвантура во Лагос и Сагрес
Ако се одлучите да патувате на југот од Португалија, не смеете да ги пропуштите Лагос и Сагрес - историја и убавина на едно место.
Сите гратчиња во овој дел од Португалија се со тесни улички, калдрма и прекрасни отворени видици кон Атланскиот Океан. И сите наликуваат едно на друго.
Првиот дел од денот го поминавме во Лагос. Овој мал град е волшебен спој на историско богатство, природна убавина и модерна живост.
Се одлучивме да направиме пешачка турa низ стариот град, плажите на Лагос и прекрасната глетка кон гребенот наречен Ponta da Piedade.
На ова место се наоѓа и една од најубавите плажи според туристите кои доаѓаат во Алгарве - Praia Dona Ana, позната по златните карпи, бистрата вода и живиот морски свет.