Бев на одмор во Бари: Пиво ќе најдете и за 1,5 евра, но и комплет лежалки за 42 евра
- Детали
- недела, 23 јуни 2024
Постојат неколку начини од Скопје да се стигне до Бари - еден од нив е со авион преку Софија. А кога ќе дојдете во јужниот дел на Италија, пред вас се отвора свет полн со историја, превкусна храна, гратчиња кои го одземаат здивот. Но имаше и непријатности и места кои ме разочараа. Како си поминав на летувањето во регионот Пулија?
Регионот Пулија во јужниот дел на Италија, години наназад е на нашата bucket листа за патување.
Кога велам „нашата“, мислам на листата што ја имаме со моите пријатели, а на која има сè - од светски егзотични дестинации до мали села во Македонија кои сè уште не сме ги посетиле.
Патувањето во Бари и околината беше, всушност, роденденски подарок за мене и еден од моите двајца најдобри другари.
На почетокот на јануари двајцата само добивме фотка на Вибер од авионските билети и порака: „Среќен роденден, одиме во Пулија во јуни“.
Со месеци истражувавме што треба да видиме, кои гратчиња да ги посетиме, дали ќе одиме и на плажа или ќе тераме само „градски туризам“, што не смееме да пропуштиме во тие 8 дена, каде се служи најдобриот Аперол, која пица ја препорачуваат локалците, дали да резервираме автомобил или да патуваме со автобус/воз меѓу гратчињата...
Безброј дилеми кои ги решававме како што се приближуваше денот за патување.
До Бари летавме преку Софија, бидејќи нема директен лет од Скопје или Охрид, а летот траеше само еден час.
На аеродромот го зедовме изнајмениот автомобил (кој чинеше околу 300 евра за 8 дена) и тргнавме кон градот.
Потценување е да се каже дека Италијанците возат „ко луди“. Ти се „лепат“, не даваат „жмигавец“, во кружен тек влегуваат и излегуваат како без компас, тие што вртат в лево на семафор не чекаат да поминат возилата што одат право, туку без пардон си го пробиваат патот.
И иако делува дека не знаат што е трепкач, свирката им е најдобар пријател, па од сите страни слушате како некој свири. Заклучивме дека не е чудно што повеќето возила им се изгребани или чукнати.
Од друга страна, имаат совршено организиран систем за паркирање.
Освен бројните бесплатни паркинзи, кои ги има насекаде, улиците имаат обележани паркинг места - со бели линии се бесплатните, сините линии значат дека може да паркирате, но паркингот се плаќа (цената е различна од град до град и од локацијата, а варира од 80 центи до 2 евра за еден час).
Жолтите линии се за резервирани и однапред платени места, на кои ако ја оставите колата, веднаш ќе ве казнат.
Во Бари резервиравме апартман, оддалечен околу 20 минути пеш од стариот дел на градот.
Освен неколкуте маркети и пекари, преку улица имавме и пазарче, од каде што секое утро купувавме различно свежо овошје и зеленчук.
Па така, цената на јагодите се движеше од 1,5 до 3 евра за килограм, праските беа околу 2 евра, лубеницата меѓу 1,2 и 1,7 евра за килограм...
Канче боровинки беше 1,25 евра, а 4 канчиња капини купивме за 5 евра.
На пазарот се продаваа и артичоки за 5 евра, а толку чинеше и килограм аспарагус, кој кај нас е околу 1.000 денари.
Шери доматите ги купивме за 1,2 евра, а краставичките и тиквиците беа околу 2 евра за килограм.
Секое утро на пазарот носеа и свежа риба, школки, октоподи, лигњи... Килограм свежа туна, на пример, е 25 евра.
Но, патувањето беше планирано за шетање и плажа, па во осум дена видовме 9 различни места, неколку плажи, истраживме локации кои нема да ги најдете на ниедна must see туристичка мапа, а сепак се преубави и вреди да се видат.
Уште првиот ден, во Бари резервиравме термин за „бесплатна пешачка тура“ низ градот, со локален водич.
Овие тури не се бесплатни, туку функционираат по принципот да оставите онолку пари колку што сметате дека сте задоволни од самиот водич и она што сте го искусиле за време на турата.
Во двата часа поминати со нашиот водич Микеле, дознавме интересни работи за градот: како настанал Бари, ја посетивме црквата во која се чуваат моштите на Свети Никола, видовме како Италијанките рачно ги прават најпознатите тестенини во дворот пред своите куќи.
„Ние сме многу гласни. И посебно во стариот дел на градот секој се меша во животот на комшиите.
Па, кога викаме и мафтаме со рацете, тоа е израз на љубов и блискост“, рече Микеле.