Ивана и Ману патуваа низ Патагонија со велосипед: „Поминавме 2.460km за 2 месеца, носевме по 25kg багаж“
Возењето велосипед ако ништо друго, ви овозможува да бидете во допир со природата. Кои природни феномени и впечатливи пејзажи ви се прилепија за срцето откако сте во Патагонија?
Патагонија од страна на Чиле е зелена, дождлива, има фјордови, глечери, тиркиз сина боја на реките, езерата, чист воздух.
Додека од страна на Аргентина е со многу рамни предели, пусто и со многу гуанако. Има преубави зајдисонца и изгрејсонца, како и планинарење по Фиц Рој и Tierra del Fuego.
Возите на долги дистанции, без попатни продавници и места од каде може да купите храна. Како ви изгледа дневното мени кога морате да јадете од храната што веќе ја имате понесено со вас?
Во Патагонија во Аргентина, на секои 250 до 300 километри има некое село со продавничка со храна. Храната не е баш најдобра во овој предел, па затоа носиме конзервирана храна, леб, тестенини и јајца.
Патагонија е далеку од сè, не се одгледува тука ни зеленчук ни овошје. Цените на храната се многу високи, а изборот е многу мал. Секогаш мора да имаме со нас храна минимум за три-четири дена.
Доручек: овес со семиња и јаткасти плодови. Ручек: грав, леќа, грашок од конзерва со некој друг додаток, конзервирана туна или паста. Вечера: варени јајца, кашкавал, леб...
И помеѓу оброците јаткасти плодови за енергија и многу благо. Никогаш не сме јаделе повеќе благо отколку на ова патување. Цело време додека возиме или после возење мислите ми одат на нешто благо.
Кои ви беа највпечатливите моменти од досегашното патешествие?
За мене многу емотивно беше кога бевме во Coyhaique во Чиле, каде точно пред 10 години на патувањето со мотор ја скршив ногата и ме оперираа и каде бев згрижена од една фамилија.
Овој пат со велосипед бевме да ја посетиме фамилијата и отидовме во болницата да го поздравам докторот што ме оперираше. Ова посета за мене беше многу емотивна.
Ноќите ги поминувате во шатор под отворено небо. Која е убавината на кампувањето?
Спиеме скоро секој ден во шатор, а некогаш и на отворено. Почесто мора да бараме засолниште, напуштени куќи или на самиот пат имаат изградено засолништа каде патниците можат да се засолнат од силен ветер.
Тука во овој предел на Патагонија најголем непријател е ветерот кој го има скоро секој ден. Мора да се прават стратегии за возење за да се избегне силен ветер.
Кога е во прашање силен ветер тоа значи од 100 до 120 километри на час и нема можност да се спие во шатор под отворено небо. Во тие случаи има одредени засолништа за оние кои патуваат со велосипед или мотор.
Колку во просек километри поминувате во еден ден? Како ги организирате деновите?
На овие места никогаш не бевме сами, ги делиме со други патници со точак, стекнавме многу пријателства и убави спомени. Навечер заеднички спремавме стратегии за да го избегнеме ветерот наредниот дел.
Се будиме во 04:30 сабајлечки, за во 05:30 да почнеме со возење, да извозиме одредена релација од 100 до 140 километри на ден и да завршиме до 11 или 12 часот кога ветерот е најсилен.