Стефан и Милан за патувањето на Исланд: „Пржевме колбаси на -10°C под Аурора Бореалис“
Што ви беше најнеобично искуство од целото патување?
Пржењето колбаси на-10°C ноќно време, надвор, на плинско под Аурора Бореалис, проследено со коло музика беше едно од најзабавните и најнеочекувани искуства. Успеавме и на тие температури да си направиме добра забава каде што сите уживавме во ладен, но исполнет момент.
Исто така, си направивме рутина, секое утро се будевме 2-3 саати порано од екипата и одевме на базени во кои имаше и термални бањи. Тоа беше доста добро искуство, водата нè опушташе целосно и бевме спремни да го зграпчиме денот и да ги извозиме наредните 350 километри.
Термалните бањи не се нешто необично во Исланд и ги има насекаде, во секој град, затоа што самата земја е вулканска и располага со природна топла вода. Во бањите има различни температури на вода, од 10°C па сè до 44°C, дури и загреана солена морска вода.
Се разбира дека ние ги пробавме сите температури, и да, на отворено се бањите и воопшто тоа не претставува некаков проблем.
Научивте ли некој збор или фраза на исландски јазик?
Исланд е држава во којашто нема кој не знае добро англиски, така што навистина немавме ни потреба да се потрудиме да научиме некој збор.
Тоа го сфативме ретроспективно и си дадовме збор нареден пат кога ќе одиме, тој дел од патувањето да не го пропуштиме пак.
Познато е дека Исланд е скапа дестинација. Со колкав буџет дневно може да се доживее оваа дестинација?
Релативно скапа дестинација за разлика од првопланираната (Тајланд), но со добро планиран буџет и доза скромност не осетивме дека сме пропуштиле нешто од целото исландско искуство.
Што сè пробавте од нивната храна?
Немаат некоја традиционална храна официјално, но прилично се познати по хот-дог културата, немаше продавница во којашто немаше хот-дог.
Најчесто додаваат крцкав карамелизиран кромид во хот-догот и го преливаат со сенф и кечап како и обично.
Како за крај, зошто секој мора да го посети Исланд барем еднаш во животот?
Уникатни пејзажи, природно топли термални води, смирувачки погледи и доза на вовлекување во себе додека патувате по таква земја се само неколку од многуте причини поради кои секој што сака, мора да го посети Исланд барем еднаш во животот.
© CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Е. Х. | Црнобело