Владимир од Скопје патува низ светот: „Скокав од авион во Дубаи, најевтино е во Јордан, а најскапо во Исланд“
Кои места ги посети во Мексико, што најмногу ти се допадна, а што не?
Патувањето започна во Канкун, што мислам дека и најголемиот туристички град во Мексико, со преубави плажи и многу места за забава. Таму поминавме 5-6 дена.
Од таму организиравме и еднодневна тура за Чичен Ица. Од Канкун отидовме во Мерида, што е едно традиционално мексиканско гратче. Таму се препознава старата мексиканска архитектура, има многу стари градби, целиот град е со куќи на еден или два ката, обоени во различни бои.
Исто така, има и многу убави и познати традиционални ресторани и е вистинско уживање за „јадачите“. Последна станица беше Мексико Сити. Еден од најголемите градови во светот.
Доста ме потсетуваше на големите градови од Америка како Њујорк. И тука имаше многу да се види и доживее. Од архитектура, ресторани, сè до шоу со кечери, коешто е доста посетено и како дел од културата таму.
Какви се цените во Мексико, сместување, ресторани, маркети?
Главно зависи од локацијата. Ќе речам нешто меѓу нашите и европските.
Хотелите во Канкун на плажа или во центар во другите градови беа доста скапи, но има многу добри и поевтини алтернативи коишто се на некои 10 минути возење со автобус или метро.
Исто и за рестораните. Тие што се на главните туристички места знаат да бидат и нереално скапи. Секогаш предлагам да се бара каде јадат локалците.
Ако во ресторанот има многу од локалните жители и ако келнерот не разбира англиски и мораш да се разбираш со пантомима, знаеш дека си на правото место. Ем ќе поминеш евтино, ем ќе биде вкусно јадењето.
За маркетите, поскапи се од кај нас, ама пак цените се прифатливи.
Дали имаше шанса да се запознаеш со локалното население и какви се тие?
Многу пријателски и весело расположени. Дури и тие што не знаат друг јазик освен шпанскиот, каков што беше случајот надвор од местата кај што одат туристите, ќе се обидат да ти помогнат со гестикулации со рацете.
Имаше ли шанса да го искусиш ноќниот живот?
Бев во доста барови што беа отворени до доцните часови. И имаше доста за избор, имаше со нивна традиционална музика, некои со модерна американска, бев и во паб со џез и блуз музика.
Видов и доста улични пејачи и музичари, коишто многу добро пееја. Секаде се служеше маргарита и текила, а тука беа и доста познати пивата Modelo и Dos Equis.
Раскажи ми малку за патувањето во Дубаи…
Прекрасно патување. Десет дена целосно исполнети. Има многу да се види и направи. Ги посетив Бурџ Халифа, Дубаи шопинг центарот, Музејот на иднината, аквапарк, базен на врвот од висококатница, zipline, skydiving, го посетив и стариот Дубаи, бев на тура низ пустината, ги посетив и познатите плажи што се таму, бев во неколку барови на плажа...
Морето… досега не сум бил во толку топла вода. Беше потопла и од базените што се таму.
Што те остави без зборови во овој град?
Гламурот и раскошот на градот. Навистина има многу да се види. И сè е направено да го воодушеви човекот. Од најголемата зграда во светот, најголемиот трговски центар (дури после 5 саати во него открив дека има големо лизгалиште), ски центар во трговски во пустина, острови правени на сред море…
Дали Дубаи е баш онаков како на интернет, многу злато, скапи автомобили, луксуз на сите страни?
Дубаи е познат по својот раскошен начин на живот, и како таков е познат на интернет. Сепак, иако Дубаи има луксузна страна, тој е исто така разновиден град со култури и луѓе од различно економско потекло.
Не секој во Дубаи живее раскошен начин на живот, и мислам дека голем дел од работната сила има поскромен живот.
Какви се цените во рестораните и маркетите во Дубаи?
Се поскапи од кај нас, ама ќе речам очекувано скапи, освен ако не си во некој од поексклузивните ресторани каде што една порција може да биде и до 100 евра.
За коктели, ако биде алкохолен, бидејќи во Дубаи не се служи алкохол во повеќето од рестораните, се плаќа од 15 евра па нагоре. Во маркетите се поприфатливи цените.