Стефан Димитриевски, патувачки фотограф: „На Шар Планина го фотографирав најубавото изгрејсонце“
Што е она што најмногу сакаш да фотографираш?
Патувачката (или Travel) фотографијата е правецот на кој би го посветил мојот фокус на интерес.
Патувачката фотографија е посебен жанр кој вклучува доловување на суштината на различни места, култури и пејзажи.
Тоа им овозможува на фотографите да раскажуваат приказни преку визуелни слики, прикажувајќи ја уникатноста, а понекогаш и предизвиците на различни дестинации.
Радоста лежи во замрзнатите моменти кои го пренесуваат духот на истражувањето и чудата што светот ги нуди.
Каде ги имаш фотографирано највоодушевувачките погледи што ги имаш видено?
Последните години патувањата ги базирам со планирање и посета на специфични локации каде што би можел да истражам и да направам фотографии од самите локации на начин на којшто јас лично ги доживувам.
Место коешто го имам посетено, а ми има оставено голем впечаток се Италијанските Доломити, каде што инспирацијата за фотографирање на пејзажи е бесконечна.
Интеракцијата на светлината и сенката на грубите карпи создава неверојатни визуелни контрасти, што го прави идеален момент за фотографирање на драматични фотографии.
Со еден збор Доломитите нудат бескрајни можности за фотографирање на волшебни кадри.
Урбана или рурална средина?
Можеби комбинација од двете. Сепак, ако морам да изберам една тоа би била руралната средина.
Дел од твоите фотографии имаат учествувано и на изложби, а за некои од нив доби и награда. Можеш ли да ни откриеш повеќе за тоа?
Различно доживување е да ги видиш сопствените фотографии испратнини на хартија во поголем формат, уште повпечатливо доживување е да ги видиш во галерија.
Некои од фотографиите коишто ги имам направено учествувале на изложби во Македонија, а за некои имам освоено и награда на некои фото конкурси.
Во 2022 година на годишната изложба „Денови на македонска фотографија“ организирана од Фото сојуз на Македонија добив диплома за фотографијата „The eye of the earth“.
Додека на фото конкурсот во склоп на ЕХО Фестивалот за планински филм имам освоено 3-то место на конкурсот во 2021 година и 3-то место на конкурсот во 2022 година. Како цел во блиска иднина ми е реализација на самостојна изложба.
Како одлучуваш кои фотографии да ги споделиш и кои приказни да ги пренесеш?
Преку фотографијата, сакам да ја пренесам убавината и различноста на светот, да доловам моменти коишто предизвикуваат емоции и будат нешто поразлично во набљудувачот на фотографијата и инспирираат подлабока поврзаност со светот околу нас.
На некој начин фотографијата ја користам како средство да презентирам свои ставови и погледи.
Постојат случаи каде што после првиот обид знам дека тоа е фотографијата којашто ја барам од тоа место, емоција или слично, некогаш треба да се направат повеќе обиди за да се долови посакуваното.
Едноставно треба да почувствувам, тогаш знам дека тоа е фотографијата што сакам да ја направам, емоцијата којашто сакам да ја доловам и сл.
Погледнете повеќе фотографии на Стефан во продолжение:
© CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Е. Х. | Црнобело