Јордан Колевски го замени Скопје за Торонто: „Животот овде е прекрасен, луѓето се топли и љубезни, работат многу - но и заработуваат“
За модата, цените, храната Јордан вели:
„Во однос на модата можете да се изнагледате буквално сѐ, луѓето од Торонто практикуваат повеќе спортска и комфорна облека. Уште не можам да го прифатам и нема да го прифатам трендот на чорапи и влечки (најчесто Crocs).
Многу влијание има од САД, во однос на лежерноста и спортските брендови. Но, за разлика од нив тука цените се многу поскапи поради даноците. Скоро на сите брендови кои се увезени, цените се поскапи од Европа и САД поради даноците.
Интересен факт е тоа што на цените коишто се изложени во продавниците е продажната цена без ДДВ, сѐ уште имам проблем да се навикнам дека на каса треба да платам повеќе од тоа што е прикажано.
Кога станува збор за храната, можам да кажам дека уживам во огромниот избор на продукти од ширум светот. Бидејќи сум пескитериан (јадам сѐ освен месо) многу уживам во овошјето и зеленчукот од Латинска Америка.
Во скоро секој подобро снабден маркет наоѓам ајвар, тука е многу популарен оној на кој стои дека земја на потекло е Македонија, но стои нивна етикета.
Во однос на рестораните, поради многуте култури кои живеат тука можете да најдете ресторани од целиот свет, од кинеска до јапонска, индиска, мексиканска, до најпознатите канадски ресторани за бифтек во кои најчесто излегува Дрејк, односно Sotto Sotto.
Најсилен впечаток за овој град и оваа држава ми е стабилноста која што ја имаат, прифаќањето на сите различни култури и дисциплината во секојдневниот живот.
Секој ќе те поздрави иако не те познава, луѓето се топли и насмеани. Нема притисок и тензија, како што сме навиканти кај нас. Многу се вредни, работат многу, но и многу заработуваат.
Засега имам уште година и пол од мојата специјализација по Глобален бизнис менаџмент, која ја запишав по завршување на првата специјализација по Дигитален маркетинг.
Искрено, во иднина се гледам тука во Торонто. Уживам секој ден во долгите прошетки во парковите, обожавам да oдам до езерото и да пијам кафе, навечер дружба со моите пријатели. Канада ми помогна многу да научам нови нешта, хоризонтите ми се проширени и овде ниту небото не е лимит.
Можам да кажам дека ми се срушија сите предрасуди во однос на тоа дека е многу ладно тука.
Летото е преубаво со максимални 29 степени, но просек е 26-27 степени. Есента е преубава и колоритна, зимата е сончева и снежна, вистинска бајка.
Сето ова само придонесува секојдневно да уживам тука. Навистина се гледам тука и во иднина“.