„Од Скопје до Лефкада патував 8 часа, ме восхити старица што скокна со падобран - Зошто постојано се враќам на рајскиот остров во Грција?“
Ако после 4 летувања на Лефкада ме прашате која ми е најубавата плажа, без размислување ќе ви кажам дека тоа е Мегали Петра.
Карпи во морето, плажа која е комбинација од песок и камчиња, поглед кон бескрајната морска шир, а сепак лесно достапна со автомобил (од паркингот до плажата ве делат само неколку чекори).
Е, тука првпат се капевме на бранови... Или подобро речено, стоевме на брегот и чекавме огромните бранови да удираат во нас. Пливаа само најхрабрите, ама и повеќето од нив имаа проблем да излезат на брегот.
И оваа година посебно доживување беше Порто Кацики. Се сеќавам, кога ја видовме првпат пред 12 години, останавме со подзинати усти.
И денес чувството е исто – застануваме над плажата и подзинуваме пред убавината на ова волшебно место.
Но, Лефкада е многу повеќе од прекрасните плажи.
Таа е чувство кое не се опишува. Ми се појавува некоја топлина околу срцето секојпат кога ќе ја споменам во некој муабет.
Дури и сега додека го пишувам ова се сеќавам на прекрасните црвени и портокалови зајдисонца, на мирисот на морето, на вкусната храна во таверните, на скепасти, или „гирото на тостер“ – локален специјалитет кој го има само таму, на свежите смокви, тортата од портокал и макалото со многу лук...
Долго ќе се сеќавам и на старицата која имаше преку 80 години, а бестрашно скокна со параглајдер (со инструктор), а додека сите во популарниот локал FlyMe ѝ аплаудираа за потегот, јас размислував за тоа дека најверојатно никогаш нема да соберам храброст за да направам нешто такво.
Или можеби ќе пробам, кога ќе наполнам 80 и ќе тргнам на уште едно незаборавно патување на Лефкада со моите пријатели.