„Од Скопје до Лефкада патував 8 часа, ме восхити старица што скокна со падобран - Зошто постојано се враќам на рајскиот остров во Грција?“
Вториот ден решивме да ја посетиме Егремни, плажата на која бевме само првата година кога летувавме на Лефкада, а која потоа беше разрушена од силниот земјотрес и неколку години беше затворена за туристите.
Ако во 2011 година требаше да симнеме (а потоа и да искачиме) 350 скали, овојпат, имавме уште поголем предизвик – да испешачиме 1 километар од паркингот до работ на плажата, а потоа да слеземе по 400 скали надолу.
На прва си реков: „Па добро, ништо страшно, секој ден пешачам до работа“. Но, како стапнав на песокот, сфатив дека нозете ми се тресат и дека симнувањето по скалите не е воопшто наивно.
Целото непријатно чувство исчезна за минута, кога пред себе го видов синото море и боите кои се прелеваат како да ги насликал најталентираниот уметник. А водата беше топла, уште потопла отколку среде сезона.
И покрај тоа што е прекрасна, Егремни има неколку мани. Првата е тоа што на самата плажа нема ниту еден тоалет. Втората е искачувањето нагоре.
Иако одев полека, направив барем 5 паузи. Овие 400 скали се како да си искачил 20 (или малку повеќе) ката од зграда.
Си седнував на скалите да одморам, а оние со поголема кондиција лесно поминуваа покрај мене.
Ништо поедноставно не беше да се испешачи ни последниот километар до паркингот, бидејќи во најголемиот дел се угорници со кривини, па на секоја рамнина и под секоја сенка, беа застанати и седнати луѓе кои земаа здив пред да продолжат понатаму.
Но, предност е што на самата плажа можете да си изнајмите чадор за сонце (не и лежалка) наместо да го носите својот со себе надолу-нагоре.