Сара Груеска: „Во Дубаи видов скапа чанта и лаптоп оставени среде мол и никој не ги допре, во Јапонија и срните ни се поклонуваа“
- Детали
- сабота, 12 август 2023
„За да патувате во Јапонија ви треба само повратна авионска карта, нормално пасош и лично осигурување, а пак за Дубаи треба виза за која се чека помалку од една недела, потоа пасош и осигурување. Пред да одлучите да патувате на двете места треба да знаете дека ве очекува културен шок“ – вели за CRNOBELO.com Сара Груеска, која имала можност заедно пријателите да отпатува во двете земји и за нашите читатели да ги сподели искуствата.
Сара Груеска (26) од Битола е дипломиран книжевник: професор по македонски јазик и литература, а во слободно време обожава да патува. Таа неодамна имала можност со своите пријатели да ги посети Дубаи и Јапонија, а во интервју за CRNOBELO.com раскажува кои биле нејзините впечатоци и на што треба да сте подготвени пред да тргнете да ги посетите двете земји.
Со Сара направивме споредба во однос на тоа која земја е поскапа за престој и таа ни даде увид за тоа на што сè треба да бидеме подготвени пред да тргнеме да ги посетиме двете земји.
Интервјуто со Сара за нејзините патувања:
Што е она што ти остави најголем впечаток во Дубаи, а што во Јапонија?
Најпрво би сакала да кажам дека и Дубаи и Јапонија се навистина туристички места што секој кој има можност треба да ги посети без никакво размислување.
И двете земји изобилуваат со доста атракции кои не може да се раскажат доколку не се посетат, значи мора да одите во живо и самите да ги искусите убавините и нештата кои ви ги нудат Јапонија и Дубаи.
Ако треба да издвојам најголем впечаток за Дубаи, тоа би била чистотата која ја нуди Емиратот и преголемата безбедност.
Сведок сум на тоа како во најголемиот мол во светот – Дубаи мол беа на среде пат оставени скапа луксузна чанта и лаптоп и никој не ги допре, што чисто бев изненадена, а за Јапонија, секако би ја одвоила огромната култура и почит која ја имаат луѓето таму, што е нешто невидено за разлика од кај нас.
Ја споменав културата за која јас и мојот дечко бевме сведоци кога на враќање кон Македонија, во продавниците во Варшава и Скопје производите кои ги купувавме ни ги фрлаа, а во Јапонија ни ги подаваа со две раце и секако, ни се поклонуваа со голема благодарност.
Па, каде и да отидевме (дали во метро, воз, трамвај, ресторан, аеродром, продавница или хотел), секаде нè пречекуваа со културен поздрав – поклонување и насмевнување од уво до уво, без разлика дали нивниот ден бил лош.
Која земја е поскапа за патување?
Во врска со тоа која дестинација е поскапа за патување можам да кажам дека сепак зависи од тоа каде ќе престојувате додека сте таму, дали ќе јадете во обичен ресторан или хотел, дали ќе изнајмувате автомобил додека сте таму, која држава е подалечна итн.
Јапонија секако беше поскапа бидејќи е подалечна, менуваш летови, престојуваш во различни градови (со оглед на тоа што јас посетив три града: Осака, Кјото и Токио).
Секој кој би отишол во Јапонија би требало најпрво да им ја вкуси храната, која е доста различна од Македонија. Најмногу се јаде риба и ориз.
За Дубаи не можам да кажам дека е евтино…
Тој што бил сигурно знае дека тоа е еден од најлуксузните градови во светот и на туристите им нуди секаков вид на забава, тури, храна, сместување…
И нормално дека треба да бидете финансиски подготвени за да го искусите магичниот Дубаи.
Исто така има и апликација онлајн каде може да си нарачаш храна од ресторан и да биде поевтина, а слободно ќе кажам дека имаат навистина вкусна храна и големи порции.
Арапската храна ќе ја издвојам како една од моите омилени и најубави, како и кафето арабика и полнетите урми со ф’стаци, портокал, бадем, лешник.
Што е она што мора да го знаеме пред да одлучиме да одиме на патување во Дубаи и Јапонија?
Пред да одлучите да патувате на двете места треба да знаете дека треба да очекувате културен шок, бидејќи тоа и навистина е.
И двете атракции се различни на свој начин.