Весна од Скопје со двете деца посетила 34 држави во светот: „Никогаш не носам лекови со себе, најчесто имаме проблеми со визите“
- Детали
- недела, 23 јули 2023
„Ме прашуваат многу често кои лекови да ги понесат на одмор, јас секогаш им велам да не ризикуваат расипување на истите. Децата обожаваат кога местото им е приспособено на нив. Во Малезија собите во хотелот беа целосно во детски стил, па така останавме во хотелот повеќе од предвиденото“, вели во интервју за CRNOBELO.com, Весна Петрова, мајка која со своите 2 деца има мисија да го пропатува целиот свет.
Додека за голем број родители патувањата со деца се вистински предизвик, тоа не е случајот со оваа мајка на деца на возраст од 10 и 6 години, која има мисија заедно со нив да го пропатува целиот свет.
Весна Петрова (39) од Скопје е професор и, како што вели, неочекувано, инфлуенсер. Таа го води Инстаграм профилот kidslovetraveling каде редовно објавува фотографии од нејзините патувања со децата, а во моментов има околу 90.000 следбеници.
Во интервју за CRNOBELO.com Весна сподели со нашите читатели повеќе информации за тоа со кои непријатности често им се случува да се соочат додека патуваат, кои биле најнепријатните случки што некогаш им се случиле, но и кои се местата во Македонија и во светот што децата ги обожаваат.
Прочитајте го целото интервју со Весна Петрова за CRNOBELO.com:
Колку години имаа децата кога првпат почнавте да ги носите на патувања?
Децата почнаа да патуваат од најмала возраст, двајцата со навршени два месеца живот.
Што е она што мора да го понесете со себе на секое патување со деца?
Многу љубов… Вистина, сè друго можете да си купите таму исто како и овде.
Ме прашуваат многу често кои лекови да ги понесат на одмор, јас секогаш им велам да не ризикуваат расипување на истите особено на подалечни дестинации.
Секаде има аптеки исто како и кај нас.
Кои се најчестите проблеми со кои се соочувате?
Визите за многу дестинации знаат да бидат проблем, особено кога нема правилна информација во нашето Министерство за надворешни работи, а нивни амбасади немаме.
Ни се случувало овде да добиеме информација дека може таму на аеродром да се извади транзитна виза во траење од 96 часа и таму да добиеме информација дека таква виза за наши државјани не функционира и да мораме да платиме цело богатство како би избегнале депортација.
Колку дестинации сте посетиле досега?
Децата досега имаат посетено 34 држави. Во план ни е да ги посетат сите.
Која дестинација досега на децата им била омилена и зошто?
Децата обожаваат кога местото им е приспособено на нив.
На пример во Куала Лумпур во Малезија собите во хотелот беа целосно во детски стил со сè и сешто за играње, во хотелот беше Вака Вака игротеката (познат ланец игротеки во Азија), па така останавме во хотелот повеќе од предвиденото. Гардаленд, Дизниленд, Леоландија забавните паркови исто.