Марија Стамболиќ за патувањето во Јапонија: „Мажи во костуми на полноќ играат Покемон и пијат виски во бар, Токио е организиран хаос“
Кога ќе направиш паралела помеѓу Токио, Кјото и Осака, кои се клучните разлики помеѓу овие три града?
Во глобала ако си заталкал во некои нетуристички места, навидум сите градови изгледаа слично. Високи облакодери и луѓе насекаде.
Меѓутоа, според мене Токио нуди највеќе од овие три града. Во рок од 7 дена успеавме да видиме многу знаменитости, но останаа и работи што немавме време да ги видиме. Мислам дека еден месец нема да биде доволно за таму.
Тешко е да одредиш приоритет во Токио, каде ќе престојуваш, што сакаш да видиш, кој музеј да го видиш, а уште потешко што да прескокнеш. Буквално секој дел од градот беше посебен на свој начин и не се споредуваа меѓу себе.
Секаде имаше туристи каде и да одиш. Дури и самите улици беа како музеи за мене, бидејќи сè беше различно и неспоредливо со никој друг град во светот. За разлика од Токио, во Осака има неколку знаменитости што треба да се видат и сето тоа се изведува во ден два.
Најголемите гужви се околу Донтонбори областа, а во околината не се забележува толку. Во Осака се наоѓа Universal Studio што не смее да се пропушти. Осака исто така важи за кулинарскиот центар во Јапонија и според многумина храната во Осака е најдобра во Јапонија.
Во Кјото се запознавме со другата страна на Јапонија. Престојувавме во традиционален јапонски сместување – рјокан во историската област Гион каде што низ улиците успеавме да видиме неколку гејши. Кјото е сосема друго искуство исполнето со прекрасна природа и храмови на секој чекор.
Научи ли некои основни јапонски фрази и зборови што ги користеше за време на твојата посета?
Нов збор што го научив беше – Сумимасен што значи „извини“. Конишива и Аригато веќе ми беа познати.
Се сретна ли со некои необични обичаи и традиции што посебно се издвојуваат во твоето патувачко искуство?
Во Јапонија се осетив како да се наоѓам на друга планета. Јапонците не ги доживеав како некои религиозни луѓе така што од тој аспект не можам да кажам дека нешто се издвојува од досегашното патувачко искуство.
Да, тие имаат храмови и оддаваат почит таму, но не е нешто што ми обзема внимание. Од друга страна тие имаат многу непишани правила за кои, за среќа, знаев уште пред да одам таму.
На пример не беше културно да се зборува во метро и исто така телефоните мораа да бидат на нечујно. Секаде беше тивко. Дури и во ресторани беше толку тивко што можеше да се слушне тропањето на приборот за јадење.
По улиците исто како да немаше автомобили. Не слушнавме ниту еден свиреж од автомобил бидејќи според нив не е културно да свириш за да не го загрозуваш мирот во околината.
Исто така не е културно да се јаде во движење. Можеби никој нема да ги казни, но срамот дека си прекршил некое правило е поголем од која било казна според нив.
Најчудно ми беше моментот дека сите мажи беа облечени во одела во текот на целиот ден. Работната култура им наложува да носат одела и бидејќи за нив нормално е да работат по 18 часа или повеќе работи, не беше чудно да забележиш мажи во одела на полноќ. Па, дури и во бар, кога сами дур пијат виски и играат Покемон на шанк.
Имаше ли можност да истражуваш локални населби и истовремено да се впуштиш во интеракција со локалците?
За жал, Јапонците не се толку дружељубиви луѓе и се поладни во однос на другите земји каде што сум била. Барем мене таков впечаток ми оставија како турист.
Ретко кој зборуваше англиски. Угостителите знаеја едвај неколку фрази и комуникацијата одеше потешко. Можеби и затоа не сакаат никаква интеракција со странци/туристи.
Единствено што бевме во поблизок контакт е со човек кој случајно го запознавме во бар во Кјото, па дури и ни даде негова визит карта (невообичаено за Јапонија). Тој сподели со нас неколку локални совети и место што да посетиме во Осака и Токио.
Дали си ентузијаст за храна? Кои јапонски јадење и кулинарски искуства ти беа највкусни?
Вo Јапонија има над 700 ресторани кои имаат добиено Мишелин ѕвезда. Тоа кажува сè. Без разлика дали во некој ресторан, на улица, или во маркет, храната беше феноменална секаде.
Бидејќи сум голем љубител на храна, сакав да експериментирам и да пробам што повеќе разновидна храна.
Од нешто што досега ги немав пробано беа Окономијаки и Такојаки (Специјалитет во Осака). Пробавме Kobe и Wagyu и добро познатити специјалитети како Удон, Рамен, Суши, Ѓјоза, итн. Неколкупати посетивме и улични маркети за храна, каде што пробавме специфични јадења претежно морско.
Како за крај зошто секој треба да ја посети Јапонија барем еднаш во животот?
Реакцијата откако кажав на пријателите дека ќе одам или бев во Јапонија беше дека и на нив им е голема желба да ја посетат земјата. Нема човек на кого не кажав дека мора да оди барем еднаш во животот.
Јапонија не се споредува со ништо друго.
Од една страна имаат ненормална технологија и се чувствуваш како да си во некој град во иднината од филмовите, а наспроти е „детинестата” култура на Јапонците. Сето тоа придонесе ова да биде едно од најдобрите патувачки искуства досега.
© CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Е. Х. | Црнобело