Марија Стамболиќ за патувањето во Јапонија: „Мажи во костуми на полноќ играат Покемон и пијат виски во бар, Токио е организиран хаос“
- Детали
- недела, 09 јули 2023
„Во Јапонија не беше културно да се зборува во метро и исто така телефоните мораа да бидат на нечујно. Секаде беше тивко. Дури и во ресторани беше толку тивко што можеше да се слушне тропањето на приборот за јадење“, раскажува Марија Стамболиќ од Скопје за CRNOBELO.com.
Марија Стамболиќ е машински инженер од Скопје која најмалку еднаш, а најчесто неколкупати годишно сака да посети нова далечна дестинација.
По Бали, Мексико и уште многу други дестинации на ред е Јапонија.
Во продолжение следува разговор со Марија која ни раскажува за нејзиното патување во оваа невообичаена и интересна земја:
Марија, неодамна се врати од едно необично патување. Кои беа твоите главни интереси и цели за посета на Јапонија?
Долго време планирам да ја посетам Јапонија. Бев сигурна дека еден ден ќе одам, но само требаше да се погоди пригодата.
Откако прочитав дека мерките против Ковид се конечно укинати после 3 години, знаев дека една од следните дестинации ќе биде Јапонија. Пред сè желба ми беше да го посетам Токио, но кога веќе одам дотаму зашто да не истражам и повеќе.
Кои специфични аспекти од јапонската култура и традиција сакаше да ги доживееш штом се најде таму?
Јапонците отсекогаш ми биле впечатливи додека патувам и ги среќавам низ разни земји низ светот. Едноставно се разликуваат од другите луѓе со нивната ексцентричност.
Секогаш се воодушевувам кога ќе прочитам некоја репортажа како Јапонците сами ги чистат салите и стадионите после некој натпревар. Поради тоа сакав и се решив да патувам бидејќи имав желба повеќе да се запознаам со нивната култура и начин на живот во Јапонија.
Колку дена престојуваше во Токио? Кои културни и историски знаменитости успеа да ги посетиш?
Во Токио престојував вкупно 7 дена. Првите три дена бевме сместени во Шинџуку и го истражувавме западниот дел од градот. Сите оние слики на интернет од Токио со неонски светла и гужви се од овој дел.
Ја посетивме хипстерската област Хараџуку, а на само неколку минути од неа се наоѓа еден од најубавите храмови Meiji Jingu. Храмот се наоѓа во огромен парк во кој забораваш дека си во еден од најголемите градови во светот.
Ја посетивме и кулата Shibuya Sky од каде има 360 степени поглед на Токио.
Летот ни беше до и од Токио. Поради тоа во средината од патувањето бевме на други места во Јапонија, а последните 4 дена се вративме да го истражиме и источниот дел на Токио. Тука го посетивме Senso Ji – најстариот будистички храм во Токио како и областите: Акихабара, Гинза, Асакуса, Одаиба, итн.
Како би ја опишала целокупната атмосфера во Токио? Постои ли одреден збор или фраза што ти паѓа на ум?
Првата помисла што ми доаѓа на ум кога ќе се спомне Токио е целиот тој организиран хаос. Насекаде имаше луѓе, локалци и туристи, но сè беше организирано.
Јапонците се многу дисциплинирани и културни луѓе што почитуваат ред. Секаде се чекаше ред, без разлика дали за влез во метро, автобус, продавница, итн.
Исто така, Токио е најчистиот град што го имам посетено. Ретки беа кантите за отпадоци, но немаше ниту едно ѓубренце на улиците.
Што ќе ни кажеш за уникатните аспекти на транспортниот систем во Токио? Имаш ли совет како најбрзо и најефикасно да се движиш низ градот?
Како и сите метрополи, така и во Токио, најефикасен начин на движење е со јавниот превоз (поготово метро). Во Токио и околината живеат околу 38 милиони луѓе, плус илјадници туристи, така што јавниот превоз мора да функционира беспрекорно. Така и беше. Сè беше на време, брзо и организирано.
Метро станиците ме потсетуваа на терминали на аеродром бидејќи имаа премногу излези означени со букви и бројки. За навигација користевме Google Maps и точно знаевме на кој излез или влез треба да го користиме.
Секоја грешка нè чинеше дополнително половина час одење. Постои картичка Suica којашто се надополнува и може да се користи за секој тип на превоз. Па дури и со неа можеше да се плаќа на некои вендинг машини или маркети како 7 Eleven.
Какви им се интересите на младите? Што е она им го привлекува вниманието?
Јапонците се уникатни. Сакаат мода и се облекуваат тренди на ексцентричен начин.
Понекогаш се чувствував како да се наоѓам на Fashion Week. Сакаат луксузни брендови. На секој чекор имаше продавници од најпознатите светски модни брендови.
Девојките беа опседнати со козметика, па забележав многу што се дотеруваа, шминкаа, па и чистеа лице во метро, на аеродром, секаде. Воопшто не беше чудно да се забележат маскирани луѓе во аниме костими низ улиците.
Играат игри на телефон (поготово Покемон) цело време дури и при движење. На секој чекор има огромни играчници каде што играат игри со возење автомобили, кошарка, Гитар Хиро, пеат на караоке, итн.
Освен Токио, кои други градови ги посети?
Освен Токио ги посетив Осака и Кјото.