Ирена Силјаноска за патувањето од соништата во Мароко: „Ме чинеше 1.800 евра, го доживеав најубавото изгрејсонце во пустина“
Таа ни кажа и дека локалното население знае арапски и француски, повеќето зборуваат шпански, а само 50% разбираат англиски.
„Патувањето низ Мароко за 15 дена чини помеѓу 1.500 и 1.800 евра, зависно од тоа што сакате да видите, колку сакате да прошетате и каде ќе се сместите.
Авионските билети ги плативме по 250 евра, а летавме од Солун преку Атина за Маракеш. За Мароко е потребна и виза, која се вади во Софија, а чини 40 евра“, рече Ирена.
Таа платила вкупно 450 евра за сместувањето во сите градови, а најчесто спиела во ријади – традиционални марокански гостински куќи.
„Сите хотели нудат сместување на база ноќевање со појадок. Појадоците се преобилни, со чај, кафе, тон месени работи. И претежно им се благи. Сите сместувања, без оглед дали е скап хотел или ријад, се традиционално декорирани - до најситни детали“, вели таа.
За полесно да ја поминат целата земја и да ги видат сите големи градови, но и знаменитостите низ Мароко, Ирена и нејзиниот сопатник изнајмиле приватен возач, кој истовремено им бил и туристички водич.
„Возачот нè возеше секаде за 120 евра на ден. Мислам дека возач е најдобра опција за вакви патувања, бидејќи така ќе видиш сè.
Тој знае каде треба да вози, а ти како турист што доаѓа првпат во земјата не се замараш со мапи и дали си го згрешил патот, со гориво или каде ќе го паркираш автомобилот. Однапред правиш план каде ќе одиш и што ќе гледаш и само се договараш со него“.
Силјаноска вели и дека возачот им бил водич надвор од големите места, па им раскажувал за историјата и културата на Мароко.
„Во градовите не е дозволено да се шеташ со Мароканец, освен ако не е локален водич со дозвола за работа“, вели таа.
Ирена за две недели таму потрошила околу 500 евра. Во оваа сума се парите за храна, пијалаци, влезници во музеи и на локалитети, за локални водичи.
„Може да се помине и со помалку, 500 евра е ако не се лишуваш од ништо“, вели таа.
Во Мароко се плаќа со марокански дирхами, а 1 евро е 10 дирхами.
„Имаат две-три традиционални јадења – кускус и тахина. Тие чинат од 50 до 95 дирхами (5 - 9,5 евра), зависи дали сте во мал град или голем.
Соковите се меѓу 10 и 20 дирхами (1-2 евра), палачинките од 15 до 30 дирхами (1,5-3 евра), ама и тоа зависи од местото.
Чаеви секаде има во изобилство. Чаеви и урми секаде даваат за добредојде кога ќе влезеш првпат“, раскажува Ирена.
Таа вели дека влезниците за локалитетите што треба да се посетат чинат меѓу 6 и 13 евра.
Посебен впечаток ѝ оставиле традиционалните марокански пазари, на кои може да се најде сè – од храна и необични зачини, до традиционална облека, килими и слично...
„За сите дребулии, магнети или марами, на пример, мора да се ценкаш, нормално, за да не се навредат. И секогаш мора да оставиш бакшиш – дали на водичот, дали ти носеле куфер или ти покажале уличка...
Реално, во старите градови и во медините, каде што има по 10.000 тесни сокачиња и улички, шансите да се изгубиш се 100%. Среќа што се прегостопримливи и префини, па лесно ќе дојдеш на вистинскиот пат. Но, треба да платиш за тоа“, го завршува раскажувањето на своето патувачко искуство Ирена.
Еден месец по крајот на патувањето, Ирена ни призна дека ќе ѝ треба уште долго време да ги среди впечатоците. И фотографиите, кои се преку 3.000 на број.
Но, открива: „Да можам, утре би отишла пак“.
Погледнете повеќе фотки од патувањето на Ирена Силјаноска во Мароко:
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
А. Ј. | Црнобело