Ирена Силјаноска за патувањето од соништата во Мароко: „Ме чинеше 1.800 евра, го доживеав најубавото изгрејсонце во пустина“
- Детали
- четврток, 18 мај 2023
„Во Црвената пустина, во областа Ерг Чеби доживеав прекрасно зајдисонце и изгрејсонце. Ноќевавме во пустински камп, имавме забава со берберска музика. Во Аит Бен Хадоу, локалитетот каде се снимени ‘Гладијатор’ и ‘Игра на тронови’, се подготвуваше арената за снимањето на ‘Гладијатор 2’. На патот кон Фез, преспавме во Миделт - тука се отвора едно сосема поинакво Мароко - нема веќе пустина, песок и карпи, туку зеленило“, вели за CRNOBELO.com Ирена Силјаноска, која неодамна помина 15 дена во оваа африканска земја и сè уште не може да ги собере сите впечатоци и неверојатни доживувања.
Ирена Силјаноска од Скопје (37) веќе неколку години работи како шеф на сметководство. Оваа млада жена обожава да патува и да запознава нови култури и дестинации.
Монотонијата после ковид-периодот, вели, реши да ја разбие со посета на Мароко, од каде што се врати полна со впечатоци за културата, архитектурата, храната и убавините на земјата.
Ирена за CRNOBELO.com раскажа за своето двонеделно патување, време во кое ги посети Маракеш, Фез, Рабат, Есауира и уште многу други места во земјата. За ова патување таа открива дека одвоила околу 1.800 евра.
„Трите најсвети збора на Мароканците им се Бог, нација и крал и се водат од ова“, вели Ирена, која патувањето го почна со посета на Маракеш, познат како црвениот град.
За градот вели дека е преубав, пребучен и хаотичен, со скриени градини кои барем за миг нудат бегство од хаосот.
Додека била во Маракеш, ги посетила и водопадите Оузуд – прекрасно место каде што одат сè повеќе туристи.
„Откако поминавме три дена во Маракеш, тргнавме во обиколка на Мароко. Тргнавме преку планината Атлас, го посетивме Берберското село, па Оурзазате каде што се наоѓа Аит Бен Хадоу, локалитетот кој е заштитен од УНЕСКО.
Тука се снимени многу филмови, меѓу кои и ‘Гладијатор’, ‘Индијана Џонс’, ‘Игра на тронови’. Во моментот кога го посетив, се подготвуваше арената за снимањето на ‘Гладијатор 2’,“ ни раскажа таа.
Посетата ја продолжиле низ кањонот Деидс, до долината Тодра и кањонот Тодра, каде што посетиле локални продавници за ткаење теписи и за производство на арганово масло.
„Во Црвената пустина, во областа Ерг Чеби доживеав прекрасно зајдисонце и изгрејсонце. Ноќевавме во пустински камп, каде што имавме вечера и забава со берберска музика.
Оттука, бидејќи е долг патот до Фез, преспавме во Миделт. Тука се отвора сосема понакво Мароко - нема веќе пустина, песок, карпи, туку ново зелено Мароко.
Го посетивме Ифран - мала Швајцарија. Сè е зелено и спротивно од сè што видовме претходно. Тука се наоѓа и Долината на палмите, која е долга 25 километри“, го опишува Ирена своето патување.
Градот Фез, за кој вели дека е втората престолнина на Мароко, според неа е огромен и волшебен.
„Ова е најстарата медина во светот, со 9.400 сокачиња и улички. Градот е поделен на три дела.
Едниот е овој традиционалниот. Вториот дел е модерен, а третиот е најлуксузен и тука живеат најбогатите Мароканци.
Но, ние сепак се задржавме на стариот град, а во новиот бевме само да јадеме и по недела дена да пробам пица и паста“, вели таа.
Одејќи кон Шефшауен, Ирена го посетила и Волубилис, град од романската империја од 3-тиот век пред нашата ера.
„Следен беше Мекнеш, третата престолнина на Мароко. За жал не можевме да видиме многу бидејќи цел град се гради и иако проектот треба да заврши оваа 2023 година, мислам дека нема да е готов.
Го посетивме и градот Мулај Идри, каде што е закопан првиот исламски основач на Мароко.
Оттаму конечно стигнавме во Шефшауен - плавиот бисер на Мароко – мало прекрасно место да се одмориш, да се убиеш од сликање, да уживаш. Штета е само што не излегува на море“.
Патувањето во Мароко го продолжиле со посетата на Рабат, четвртата престолнина на Мароко, а воедно и главен град.
„Можам да кажам само дека е лудница, скроз е Аладин град“, вели таа.
Од Рабат патот го продолжи кон Казабланка, прекрасна на свој начин. Најголем економски центар во Мароко и поразлично од сè што видела претходно.
„Испив пијачка на шанкот во „Ricks cafe“ и за момент се почувствував како Ингрид Бергман во култниот филм 'Casablanca'. Патувањето го завршив со дводневна посета на Есауира и уживав во бескрајните песочни плажи на Атлантски Океан“, вели Ирена.