Зошто диетите не се секогаш ефикасни и како да ослабете без нив?
Помислете на последниот пат кога сте држеле диета. Веројатно тоа било пред некој важен настан, или пак можеби се обидувате да почнете со диета секој понеделник.
Без разлика во каква ситуација сте биле, најверојатно сте го ограничувале бројот на внесени калории и сте гладувале. Но, сигурно не сте забележале никаков резултат.
Доколку и вие досега не сте налетале на ефикасна диета, не сте сами. Постојат неколку причини зошто диетите речиси никогаш не функционираат, а понекогаш дури и го влошуваат проблемот.
Зошто диетите не се ефикасни?
Слабеењето со диета е само привремено
Еден од најголемите проблеми со диетите е тоа што тие не се трајно решение. Можеби ви се случило да ослабите со диета, за после еден месец дупло да си ги вратите килограмите.
Дури 60% од оние кои држеле диети ги вратиле изгубените килограми.
Диетите го тераат мозокот да ја гледа храната како неодолива
За да живееме, мораме да јадеме. Калориите што ги консумираме, телото ги претвора во енергија која е потребна за сите телесни процеси. Кога ќе го ограничете внесот на храна, почнуваат да се активираат хормоните кои се „создадени“ со цел да ве натераат да јадете.
Овие хормони прават храната да изгледа повкусно, па вам ви станува потешко да ја игнорирате.
Диетите го нарушуваат чувството за глад
Кога телото ќе забележи дека е ограничен внесот на храна, тоа почнува да складира резерви бидејќи мисли дека е соочено со гладување. Покрај тоа, кога држите диета постојано го потиснувате чувството на глад, па по некое време нема да знаете дали навистина сте гладни или јадете само од здодевност.
Диетите го забавуваат метаболизмот
Јасно е дека треба да постои дефицит на калории за да ослабете. Но, консумирањето премалку калории само ќе ви предизвика проблеми и ќе ви го забави метаболизмот. Ова значи дека сите калории што ги консумирате се користат поефикасно, а токму ова го прави дебелеењето полесно.
Диетите ја нарушуваат вашата врска со храната
Кога држите диета, всушност не знаете како да ѝ пријдете на храната на здрав начин. Постојано размислувате што и дали треба да јадете, а поради незадоволството што го чувствувате од вашето тело ја избегнувате храната. Сето ова создава нездрава врска со храната.
Диетите го зголемуваат ризикот од прејадување
Секој што држел диета ќе ви каже дека тоа е навистина непријатно искуство. Додека ја држите диетата ги ограничувате калориите, но и храната што всушност сакате да ја јадете.
Сето ова предизвикува стрес, кој пак на крајот може да предизвика прејадување. Всушност, многу истражувања покажале дека хормонот кортизол кој се лачи во стресни ситуации е поврзан со прејадувањето.
На диетите им недостасуваат голем број хранливи материи
Строгите диети не го ограничуваат само внесот на калории, туку и на многу важни хранливи материи. Можеби сметате дека популарните диети се здрави, но најверојатно ќе ви предизвикаат некој здравствен проблем.