Живеам во стан од 50m2 во Скопје – одлуки што ги направив во уредувањето за кои не се каам (фото)
Проточен бојлер во бањата за голем бојлер да не ми го зафаќа целиот простор, шанк со простор за складирање (што ми е спас во мала кујна), робот правосмукалка за секојдневно одржување чистота, мала трпезариска маса која се отвора до 2.5 метри за гости и уште неколку одлуки во уредувањето на мојот дом во Скопје за кои не се каам, а можеби ќе ви послужат како идеја и вам.
Кога живеете во помал стан, дефинитивно уредувањето е предизвик – не од аспект на тоа да изгледа убаво, туку дополнително и да биде функционално.
Живеам со партнерот во Скопје, во стан од 52m² и за среќа, ние имавме можност да го видиме станот уште додека беше во градба, па беше полесно да се направат некои промени во таа фаза, со цел да ни биде попрактично живеењето.
Можеби е малку понапорно на секоја ситница да се гледа како естетски, така и функционално, но дефинитивно не се каам што уште пред да одбереме мебел, имавме размислено за сите работи кои би можеле во иднина да ни предизвикаат нервоза.
Па така, генерално го уредивме домот како што сакаме и немаме работи за кои се каеме, освен една – бели, релјефни плочки во кујна. Дефинитивно не би ја повториле таа грешка.