Кај Анета дома: „Големата гарнитурата ми е погодок, а малиот број на фиоки во кујната ми е промашување“
Во врска со црниот мијалник за кој ретко кој се одлучува заради одржувањето од бигорливата вода, јас сепак би рекла дека лично нас ни е погодок. Немаме голем проблем со бели дамки, а и тогаш кога се појавуваат лесно се отстрануваат со средство и топла вода.
Одбравме висока чешма со која прелесно се функционира и миењето на поголемите садови е едноставно, а секако и одлично се вклопува во црно-белата комбинација на кујна.
Од оние работи кои жалам што не ги направивме на време додека се средуваше станот е што не ставивме никакво светло или лустери над шанкот.
Тоа ни недостасува навечер кога другото светло е изгасено низ дома, а сметам дека осветлувањето е од особено значење за тоа домот да изгледа топло и пријатно.
Нешто што особено го погодивме и секогаш го препорачувам на сите е ламинатот со фуги, кој е во топла мат кафеава нијанса и со дизајн на дабово дрво, кој наликува на дрвени штици.
Прелесен е за одржување и воопшто прашина не се познава на него, што е од голема предност.
Како најголема грешка сепак го сметам ходникот, во прва прилика би го променила целиот.
Комодата која всушност ја користиме за чевли е многу мала и не собира доволно обувки.
Би направила голема долга комода, големо и долго огледало и да има место каде да седнеме додека ги облекуваме чевлите бидејќи навистина има доволно простор за тоа.
Морам да го споменам и теписонот во дневната соба. Знаев дека сакам да го имам дома уште пред воопшто да ни е купен станот и навистина ни е полн погодок.