5 работи кои веднаш треба да ги фрлите од вашата дневна соба
Постои ли друга просторија во домот која имаме тенденција да ја полниме со толку многу работи како дневната соба?
Некако еднаш облечените чорапи, заборавените играчки, недочитаните книги, старите списанија, полначите од старите телефони кои повеќе не работат – сите си го наоѓаат своето место во дневната соба, правејќи да изгледа како хаотична џунгла.
А зарем има нешто подобро и порелаксирачко од средена, функционална и пријатна соба за дневен одмор? Доколку сакате да го вратите зен-моментот во вашиот дневен простор, време е да се ослободите од следните 5 работи кои ја „задушуваат“ дневната соба:
VHS видео касети, цедеа и други материјали од ваков тип што не ги гледате ниту слушате
Доколку имате неколку добри спомени зачувани на VHS касети кои би сакале да ги имате засекогаш, префрлете ги во дигитална форма и зачувајте ги на мемориски хард-диск. Зошто би чувале 50 стари видео касети кои нема да ги гледате никогаш?
Истото важи и за цедињата, особено оние кои не се оригинални, односно самите сте ги „режеле“. Време е да се ослободите од нив, дефинитивно местото не им е во дневната соба.
Да не зборуваме за правта која ја собираат и потребата за нивното редовно бришење. Зошто би одржувале нешто кое никогаш не го користите?
Излитени, стари ќебенца и прекривки
Сите имаме најмалку едно, вообичаено поставено на работ од гарнитурата, да биде тука „при рака“ кога ќе ни застуди. Размислете – колку често го перете ваквото ќебе или прекривка?
Колку е старо и во каква состојба е? Дали имате обичај со него да се покривате кога сте настинати и дали го дезинфициравте по настинката? Имате ли можеби милениче кое ужива да си игра со него и да лежи врз вашето омилено ќебе?
Вистината е дека ваквите ќебиња се преполни нечистотија и бактерии и треба да бидете особено внимателни во врска со нивното одржување. Доколку сепак ќебето е многу старо и излитено, време е за ново (и свежо испрано) ќебе или прекривка.
Стуткани, валкани украсни перничиња
По одреден временски период, украсните перничиња ја губат својата форма. Со текот на времето тие дополнително се валкаат, па доколку имаат дамки или се прилично стуткани, време е да ги фрлите и замените со нови.
Доколку ги употребувате истите со години, тие воедно ѝ даваат на дневната соба монотон и уморен изглед. Ова е барем евтина инвестиција, редовно менувајте ги украсните перничиња.
Застарена и расипана технологија која повеќе на ја користите
Ова е поврзано со точката бр. 1. Стар видео или ДВД уред, касетофон кој не функционира, радио. Телефони кои одамна престанале да работат, полначи кои одат во пакет со нив, а не се употребливи за други телефони.
Тука некаде се врти и оној продолжен кабел кој е малку истопен и не е одамна во употреба, но ете, никако да се решите да ги фрлите сите овие работи. Денес е тој ден.
Друштвени игри на кои им недостигаат делчиња
Без разлика дали станува збор за друштвени игри од типот на Монопол, Не лути се човеку или пак сложувалки на кои им недостасува барем едно делче, вистината е дека нема да можете да ги употребувате кога се нецелосни.
Доколку пак ви е жал да ги фрлите, складирајте ги на некое друго место, наместо да бидат на мегдан во дневната соба.
(О)Милена | Црнобело