Енергетско чистење на домот: Кога и зошто ви е неопходно?
Доколку сакате да привлечете повеќе добра во сопствениот живот, тогаш ваквиот ритуал ќе ви биде од голема полза. За што точно станува збор?
Размислувате како да ги поттикнете толку посакуваните промени? Започнете со физичко и енергетско чистење на својот дом.
Со помош на фенг шуи принципите, ќе почувствувате неверојатен прилив на добра енергија и позитивно расположение.
За да тргнете полесно кон нови и свежи почетоци, најважно е да се ослободите од старите навики и шаблони, коишто не ви донеле ништо продуктивно. Напротив. Тие само ве блокирале во креирањето на нешто подобро.
Пролетта е вистинското време за акција. А, најдоброто нешто кое може да го направите, првин е ментално да се отпуштите од сѐ она од кое сакате да се ослободите.
Исфрлањето на вишокот работи и темелното чистење на домот, симболизираат нов почеток.
Ова ви овозможува во својот живот да внесете промени, да запознаете нови луѓе и да ги искористите приликите што ви се пружаат.
Уредниот и чист дом создава чувство на мир, привлекувајќи ги среќата, здравјето и благосостојбата во животниот простор.
Кое е најдобро и најлошо време за чистење на домот?
Идеално е чистењето да се практикува барем еднаш годишно.
Сепак, се препорачува да се направи и после секоја поголема препирка или расправија во куќата, развод или раскинување на врска, болест или смрт на член од семејството, преселба или отселување на некој од станарите, губење на работното место и сл.
Оптималното време е самиот почеток на годината. Меѓутоа, за вакво чистење речиси и да нема лошо време. Може да го изведете секојпат кога за тоа чувствувате потреба.
Не е пожелно да се извршува додека жената е бремена, како ни ако бебето е штотуку родено. Во такви ситуации, нужно е да почекате 40 дена, односно да помине периодот што е потребен за да се вкорени новата енергија.
Доколку никогаш претходно не сте го прочистувале просторот, голема е шансата дека при првиот обид, нештата ќе се одвиваат многу побрзо, како и дека одредени односи ќе се завршат.
Тие односи може да бидат партнерски, деловни или пријателски. Зошто?
Откако енергетски ќе го исчистите просторот, во вашиот живот автоматски ќе почнат да пристигнуваат нови луѓе и настани, а да отпаѓаат старите и непотребните.
Од што сѐ може да се исчисти домот и останатите простори?
Листата е прилично долга. Накратко - домот, ама и останатите простори, може и треба да се исчистат од застоената негативна енергија.
Тука спаѓаат болестите, кавгите, разводот, банкротот, депресијата, енергијата на бившите станари, како и невидливите енергии кои имаат исклучително големо влијание на животот во дадениот простор.
Физичкото чистење подразбира вшмукување и бришење на прашината, фрлање на сите непотребни предмети, како и темелно отстранување на нечистотијата од целиот дом.
Штом ќе тргнете со физичко и енергетско чистење, неизбежно ќе почувствувате дека започнува исцелителниот процес. Сѐ ќе ви биде возбудливо и проткаено со нова позитивна енергија, која ви дава сила, креативност и елан.
Уште подобро е ако во процесот учествуваат сите членови на домаќинството, бидејќи така мошне поволно ќе влијае на целото семејство, а со самото тоа, кај сите ќе се случи исцелување, на начинот што е најдобар за секого поединечно.
Можеби целокупниот процес ќе ви се чини по малку необичен, но верувајте дека дејството е магично, па подоцна ќе се чувствувате поведро, поопуштено и попозитивно, а тоа е непроценливо.
Што сѐ ви е потребно за енергетско чистење на домот?
За самиот процес се потребни неколку ситници.
Вообичаено, тие се: мирисливо стапче, свeќички, свежо цвеќе, морска сол, фигура на светец или заштитник (Исус, Буда, ангелче...), малку приготвена храна (оризот е најпрактичен, а може и јаболка), метално ѕвонче, гонг (тука може да послужи и кујнската тава за почеток), тапанче или друг вид удиралки.
За помал стан, сосема доволни се час и половина.
Самиот ритуал, пак, претставува прашање на лични преференции. На вас е да направите мало пребарување за процесот на енергетско чистење, па да се одлучите за она што најповеќе ви одговара.
Доколку ви делува како преголем залак, или, пак, немате волја сами да влетувате во процесот, тогаш обратете му се на некого што се разбира во фенг шуи, односно може да ве советува или изврши обредот наместо вас.
Смислата на енергетското чистење е да го освестите она што би сакале да го промените во сопствениот живот, како и прилика да ги остварите целите и желбите, коишто во вашето срце ќе внесат мир, добрина, радост и леснотија.
Практикувајте го секогаш и во било кое време, доколку почувствувате дека неопходна ви е промена.
М. А. | Црнобело