8 видови на новогодишно китење на домот - како го уредивте вие?
Време на елки кои тежат од сијалички и лампиони, време на многу варено вино со цимет, време на топли колачиња и меки дебели ќебенца во кои се туткаме пред телевизорот.
Со еден збор – време на зима и празници. А што би биле празниците без украсување?
Многумина веројатно ги накитија своите домови и уживаат во сјајот и блесокот на среќата.
Дали и вие сте дел од нив? Во какви тонови блеска вашето празнично украсување?
Погледнете ги следните неколку видови на новогодишно китење и одлучете кој е вашиот фаворит:
Традиционално црвено
За многумина китењето не може да започне без елементите во црвена боја. Нека вашиот дом заблеска во бојата на Дедо Мраз. Многу црвени лампиони, црвени машнички, свеќи и декорации. Во комбинација со зелено и златно, традиционалната црвена боја никогаш не може да биде монотона.
Ретро спомени
Извадете ги на виделина сите ваши лампиони и новогодишни украси од детството. Тие имаат исклучителна сентиментална, но и парична вредност, бидејќи се среќаваат сè поретко и не може да се купат скоро никаде.
Најдете нови начини како да ги употребите старите украси. Ретро лампионите се повторно во мода.
Рустична бајка
Нежни, меки тонови во комбинација со дрво. Многумина сметаат дека овој стил на украсување е посоодветен за викендички или објекти во постудени планински предели, но доколку зимската бајка е вашата инспирација, нека биде рустично, удобно и топло, со природни материјали и елементи.
Модерни елементи
Современи, модерни украси во монохроматски тонови. Најчесто се мат, но некои од нив имаат и блескав, метален финиш. Впечатливите детали прават вашиот дом да изгледа како од каталог, а елката треба да биде нестандардна, па дури и малку необична.