На гости кај Дарко во HairHouse, наш фризерски салон по светски стандарди - огледала со полукружни рамки, мермерен пулт (фото)
- Детали
- среда, 16 ноември 2022
„Во уредувањето на новиот салон HairHouse најважно ми беше комфорноста и уживањето на моите клиенти. Си зацртав естетски критериуми кои просторот мора да ги исполнува, нормално, во комбинација со фунционалност на елементите“, споделува Дарко Петковски (32) за CRNOBELO.com за својот фризерски салон.
Дарко Петковски (32) e фризер, приврзаник на минимализмот и обожавател на уметноста во сите форми, кој веќе 17 години работи како фризер, од кои 11 има свој салон.
Започнал како практикант, за потоа да стане чирак, потоа со напорна работа фризер, а по сето тоа и сопственик на свој салон.
Вели дека негова најголема мотивација и инспирација се клиентите, нивните реакции на неговата работа, искрените насмевки, пофалби и конструктивните критики.
Токму затоа, сега неговиот фризерски салон HairHouse е преселен на нова локација, а салонот доби сосема нов, светски изглед.
За уредувањето на новиот салон Дарко открива за CRNOBELO.com:
„Во уредувањето на новиот салон HairHouse најважно ми беше комфорноста и уживањето на моите клиенти.
Си зацртав естетски критериуми кои просторот мора да ги исполнува, нормално, во комбинација со фунционалност на елементите.
Кохезијата на овие параметри се покажа како успешна.
Големината на просторот ни даде слобода и можност да играме со боите и стиловите.
Огледалните површини со полукружни рамки се она што прво го задржува погледот, истовремено се функционални и овозможуваат визуелно уживање.
Во салонот преовладуваат топли бои кои даваат чистина и едноставност, ненаметливи, а сепак ефектни.
Сакав да го избегнам визуелното преоптоварување на просторот и тоа го постигнав со доминантни централни геометриски парчиња – масовен мермерен шанк, големи полици, ефектно осветлување и зеленило.