На гости кај Сандра: Стилски уредена куќа во Скопје со маслинови дрвца и бохо детали (фото)
- Детали
- сабота, 08 октомври 2022
„Кујната е со црни вградливи елементи, црн гранитен мијалник и скриен фрижидер. Дневниот простор е сончев преку целиот ден, а тоа е совршено за нашите растенија и неколку дрвја со маслинки, кои особено ги сакаме...“, открива Сандра Мрчковска Гавриловска од Скопје за нејзиниот дом во кој живее со сопругот.
Сандра Мрчковска Гавриловска од Скопје со сопругот живее во совршено уредена семејна куќа од 70m2.
Во уредувањето на домот преовлауваат белата и сивата боја, но има и детали во темно сина боја, како и бохо детали од дабово дрво, јута, лен.
Сепак, највпечатлив дел се дрвцата маслинки низ домот, кои му даваат уникатен шмек.
За уредувањето на домот Сандра открива за CRNOBELO.com:
„Замислата со сопругот за тоа како треба да изгледа внатрешното уредување во почетокот ни беше сканди минимал во бело сива комбинација, па така и почнавме.
Со текот на времето од минимализам премина во бохо сканди.
Просторот е сончев преку целиот ден, а тоа е совршено за нашите растенија и неколку дрвја со маслинки, кои особено ги сакаме, па може да се каже дека тие се омилени детали во куќата.
Мебелот во целата куќа, односно кујна, спална, купатило, комоди, вградени плакари се правени по мерка од бел медијапан, додека пак трпезариската и клуб масата се осмислени од сопругот и исто така направени по нарачка.
Кујната е во комбинација со црни вградливи елементи, црн гранитен мијалник и скриен фрижидер.
Во спалната има простор за експериментирање во изборот на бојата на еден од ѕидовите, па моментално тој е во темно зелена боја, која секако одговара со белите плакари и спална и деталите од беж боја.