На гости кај Кристина: Поткровје во Скопје со уметничко катче и „направи сам“ проекти со ограничен буџет (фото)
- Детали
- сабота, 04 декември 2021
„Во време на консумеризам, јас сакав да го средам новиот дом со мебел и покуќнина што веќе беше заборавена во подрум, на таван, во шкафче кое никогаш не се користи … Во дворот работев на репарирање на сите можни фотлји, шкафчиња, комоди. Стругав, бојадисував, лепев, преправав“, раскажува Кристина Симеонова (46) за CRNOBELO.com.
Кристина Симеонова (46) од Скопје, по професија дипломиран фармацевт, специјалист по Испитување и контрола на лекови, за себе и својот син направила дом реновирајќи го поткровјето од семејната куќа на нејзините родители.
Со многу креативност и љубов создала удобно катче за неа и нејзиниот наследник и тоа користејќи стар мебел. Омилена ѝ е уметничката галерија.
За уредувањето на својот дом таа открива за CRNOBELO.com:
„Кога дојде време да создадам дом за мене и мојот син Коста (15), наместо стан во центарот на градот, јас решив поткровјето на фамилијарната куќа на моите родители во Љуботенски пат, Радишани да го претворам во наше живеалиште. Бидејќи ја сакам природата и комоцијата на предградието ова ми изгледаше како идеална опција.
Штом ми се појави оваа идеја веднаш ја побарав Соња Наковска – архитект, која многу добро ги разбра моите потреби, ме охрабри дека се можни и ги преточи во прекрасен проект од 85 m2.
Мојата идеја за внатрешното уредување беше „минимализам“, ама не оној кој сите го препознаваме како стил во уредување, туку во смисла на финансиски аспект и искористување на постоечките ресурси и „Low costs“ концепт.
Во време на консумеризам во коешто сите сме вовлечени, премногу купуваме и во исто време исто толку фрламе, јас сакав да го средам новиот дом со мебел и покуќнина што веќе беше заборавена во подрум, на таван, во шкафче кое никогаш не се користи… Често знам да кажам дека најубавите работи се бесплатни. Потребна е идеја, креативност и желба.
Предизвик ми беше сè што може да се обнови, репарира, пренамени да биде дел од мојот дом и да не заврши тажно во некој контејнер.
Така што додека екипата работеше на поткровјето, јас во дворот работев на репарирање на сите можни фотлји, шкафчиња, комоди. Стругав, бојадисував, лепев, преправав.
Ги научив сите техники на отстранување на стара боја. Така што целиот мебел, освен софата и креветот во спалната соба беа стари парчиња собрани од целата фамилија.