На гости кај Марина Дојчиновска: Совршена тераса во село Гари, со поглед сè до Лазарополе (фото)
- Детали
- сабота, 09 октомври 2021
„Најголемо задоволство ми е да седам на терасата од нашата семејна куќа во Гари и да се релаксирам со звуците на бучната, планинска, дива Гарска река и да уживам во погледот на прекрасната природа, кој се протега сè до Лазарополе“, вели Марина Дојчиновски, која живее во Скопје, но Гари го носи во срцето.
Марина Дојчиновска, авторка на култната емисија Македониум и директорка на приватна компанија, води потекло од мијачкото село Гари.
За таму ја врзуваат најубави спомени и иако и татко и таа живееле во Скопје, вели дека Гари отсекогаш ѝ е во срцето и секој слободен миг го користи за да го посети.
За семејната куќа, како и градењето на нова, но и за терасата со совршен поглед Марина открива за CRNOBELO.com:
„Гари за мене претставува многу нешта, има различни аспектирања во мојата духовна вертикала и единствено таму можам да допрам до најдлабоките корени на семејното стебло на Дојчиновски, кои имаат своја историја и свој траг за генерациското постоење на истото место.
Гари е за мене и татко ми Блаже и дедо ми Триме и прадедовците Јован, Марко и Петре Гарката - чија уметност и денес можете да ја видите и допрете во резбите по македонските манастири, вистинско богатство.
Јас и сестра ми Соња, како и моите братучеди Дојчиновски со гордост и пиетет ја одржуваме нашата стара убавица – семејната куќа стара точно еден век, во која се родил и татко ми. Таа стамена куќа со сите мијачки обележја, останува и понатаму да нè пречекува секое лето и секој слободен викенд.
Но, време беше по 100 години и за нова куќа.
Дојде време да размислиме дали ние можеме да оставиме свој траг во тој генерациски мозаик, за поколенијата што следат и остануваат понатаму.