На гости кај Сања Гацов: Стан од 92м2 во Штип со детали кои му даваат луксузен шмек (фото)
- Детали
- сабота, 07 август 2021
„Стилот во кујната јас си го нарекувам модерен винтиџ, во мат сива боја, со златни рачки коишто даваат луксузен шмек на истата. Може да се каже дека кујната ми прави најголем мерак во станот“, раскажува Сања Гацов (33) за домот во кој живее со сопругот и двата сина.
Сања Гацов (33), докторанд - магистер по социјална педагогија, вработена на Универзитетот ,,Гоце Делчев”- Штип, со својот сопруг и двата сина живее во стан од 92м2 во Штип, уреден првенствено да одговори на потребите на сите четири членови од семејството Гацови.
Таа за CRNOBELO.com споделува од каде инспирацијата за уредувањето:
„Станот е целосно изработен по мои и идеи на сопругот Зоран. Знаевме дека сакаме модерен изглед, со детали кои ќе му дадат луксузен шмек на ентериерот.
Во станот има повеќе стилови и концепти, впрочем тоа го изразува и нашиот креативен дух.
Сакајќи да додадеме стилски и боемски форми во сивиот ентериер, вметнавме декоративни лајсни и златни моменти, а со оглед на големиот избор на преубави тапети и моменталниот тренд, се одлучивме и за комбинации со различни тапети во секое катче.
Бевме убедени дека не сакаме секој дел да ни е во исти тонови на бои/стилови, бидејќи тоа ни е некако монотоно и здодевно, па затоа ги разигравме просториите, но сепак ја доловивме топлината што мора секој дом да ја поседува.
Детските соби ги направивме да бидат пред сè функционални, со мотиви што си ги избраа нашите синови (Дариан и Марко). Сè уште сакаат да спијат во една соба, па затоа во собата на помалиот син има работи коишто дополнително ќе се докомплетират.
За претсобјето имаше двоумење околу тапетот, моја идеjа беше да биде нешто со сиви мотиви, но преовлада идејата на сопругот со зелениот jungle тапет (мотиви од џунглата) - мислам дека не погрешивме!
Она што најмногу го сакавме за дневната е да има мермер моменти. Тоа го постигнавме со ѕидот со мермерен мотив, всушност тоа е фототапет којшто одлично се вклопи во приказната.