Во домот на Мартин: Уникатен стан со кровна градина во Градски ѕид во Скопје (фото)
- Детали
- сабота, 17 јули 2021
„Интересно е што станот се наоѓа во централно градско подрачје поточно во Градски ѕид и на моја среќа се погоди да има заеднички простор помеѓу зградите, каде јас во корелација со соседите тој простор го претворив во една кровна градина, па така добив двор среде центар“, вели 34-годишниот скопјанец.
Мартин Лазаревски (34), дипломиран инженер по архитектура, живее во стан во Градски ѕид во Скопје.
Станот е уникатен и е одраз на неговиот уметнички дух.
За уредувањето на неговиот дом тој открива за CRNOBELO.com:
„Идејата за мојот стан кој го нарекувам „LAZ Aprartment“ произлезе уште во времето пред моето запишување на Архитектонски факултет. Запишувањето и завршувањето на архитектура беше само техничка основа на она што и денеска го работам со голема љубов кон ентериерите и производството на мебел.
Впрочем, идејата за мојот стан е сублимат од повеќе стилови и различни концепти, но на крај со единствен мотив да се чувствува топлина на дом, а не на музеј или кафуле…
Поради различните концепти во ентериерот и големите стаклени површини и отвореноста на самиот стан има флуидност на енергијата од простор во простор, па така се добива перцепција како да сте во лавиринт, каде секој детаљ си има свое место и свое зошто.
Станот е комплетно мој проект и моја реализација благодарејќи на мојот тим од „Студио Мартема“ мебелот е комплетно изведен од сопствено производство во кое ми беше идеја на моите идни клиенти да им покажам што сè можеме и каква изведба на мебел можеме да понудиме.
Омилен детаљ од станот не можам да одвојам бидејќи секоја просторија е приказна за себе, па во зависност од расположение така ги уживам просториите во мојот дом.