На гости кај Ивана од Битола: Стан од 63m2 со доминација на сивата боја и жолти детали (фото)
- Детали
- сабота, 29 мај 2021
„Омилено катче ми е нашата тераса, која ја уредивме во медитерански стил, кој постојано нѐ навраќа на нашите прекрасни спомени од летните одмори“, раскажува 32-годишната Ивана од Битола.
Ивана Сазданова Илиевска (32) од Битола е магистер по фармација и работи во аптека.
Нејзиниот стан се наоѓа во близина на центарот на Битола, а сепак е доволно оддалечен од градскиот метеж.
За уредувањето на нејзиниот стан таа открива за CRNOBELO.com:
„Станот има површина од 63м2 и се наоѓа на 4ти кат, со прекрасен поглед кон исток. Се состои од простран дневен престој во чиј составен дел спаѓаат трпезарија и кујна одделена со шанк.
Станот го уредивме заедно со сопругот, секако во консултација со мајсторите, што го изработуваа мебелот по мерка со цел замислената идеја да биде функционална.
Вљубеници сме во минималистичкиот концепт на скандинавскиот стил, така што во целиот стан доминира белата боја во комбинација со дрво.
Од самиот старт имавме јасна замисла и визија како ќе изгледа станот, па изборот на материјали за изработка на мебелот по мерка воопшто не ни претставуваше проблем.
За изработка на кујната избравме бел медијапан со висок сјај во комбинација со облагородена иверка во боја на дрво. Се одлучивме да не ставаме рачки на елементите од кујната со цел да се задржи нејзината едноставност и да не доминира во просторот.
ТВ комодата и трпезариската маса го следат истиот стил. Целокупниот изглед е заокружен со удобна аголна гарнитура во неутрална сива боја.
Станот изобилува со природна светлина во текот на целиот ден и затоа се одлучивме да не ставаме завеси. За деталите во домот сум секако задолжена јас.