Висококатница во Дубаи руши рекорди: Како изгледа највисокиот базен во светот според Гинис, на 77-ми кат?
- Детали
- среда, 05 мај 2021
Сега имаме уште еден доказ дека Дубаи е еден од водечките градови во светот кога станува збор за нова и извонредна архитектура. Најновата висококатница во најгусто населениот град во Обединетите Арапски Емирати, Address Beach Resort, успеа да собори два Гинисови рекорди.
На најновата висококатница во Дубаи има отворен базен кој е изграден на најголема височина во светот, од речиси 300 метри или, поточно, 293,9 метри. Базенот зафаќа површина од 560 метри квадратни, поради што наликува на масивно езеро во височините. Во најдлабокиот дел, овој базен има длабочина од 1,2 метри.
Но, базенот не е единствената карактеристика на градбата што се запиша во Гинисовата книга на рекорди. Висококатницата The Address Beach Resort е еден дел од две кули близначки со 77 ката, кои се сместени веднаш до Address Beach резиденциите.
Двете кули се споени во основата, односно од 1-иот до 13-тиот кат, а повторно се спојуваат на врвот со воздушен мост од 63-тиот до 77-иот кат. Токму со овој мост, висококатницата го сруши вториот рекорд на Гинис и сега претставува највисок населен воздушен мост што се наоѓа на височина од 294 метри.
https://www.instagram.com/p/COapLh2Ab8f/
Целиот проект има 217 хотелски соби и апартмани, 443 станови кои можат да се изнајмат на подолг период и 478 резиденцијални станови.
Покривот од висококатницата што се наоѓа на 77-иот кат нуди неверојатен панорамски поглед на најпознатите обележја на градот, како Bluewater’s Island, Palm Jumeirah, the World Islands, Dubai Marina Coastline, Burj Al Arab и, секако, крајбрежјето на Персискиот Залив.
Повеќе фотографии и видеа од базенот и висококатницата во продолжение:
https://www.instagram.com/p/COcnxDoIGUZ/
https://www.instagram.com/p/COcwF6rHqnr/
Б. С. Б. | Црнобело / Фото: Guinness world records/ Instagram