На гости кај Наташа: Семејна куќа во Битола со детали во силни бои (фото)
- Детали
- сабота, 17 април 2021
„Бидејќи бев сигурна дека сакам сѐ во мојот дом да биде во црно-бела боја за да ја разбиеме монотонијата вклучивме жолта софа, која впрочем одлично се вклопи, а додадовме и други детали во силни бои“, вели 28-годишната Наташа.
Наташа В. Стојкоски (28) живее со својот сопруг во семејна куќа во Битола, по професија е дипломиран преведувач и толкувач по италијански јазик и моментално работи како професор по италијански јазик, но главната работа ми е како координатор за исплата во една странска компанија.
За уредувањето на нејзиниот дом таа открива за CRNOBELO.com...
„Живееме во куќа од 200м2 и започнавме со реновирање на едниот од катовите пред околу две ипол години.
Да бидам искрена внатрешното уредување е нешто што ме исполнувало отсекогаш, особено скандинавскиот стил и сите тие минималистички работи, а сепак толку убави и практични.
Секој дел од нашиот дом е направен и смислен заедно со мојот сопруг, иако морам да признаам дека мораше да се почитува повеќе моето мислење.
Најважно од сѐ ми беше во домот да има многу природна светлина, па мораше да се рушат многу ѕидови за да го добијам тоа што го посакував.
Бидејќи бев сигурна дека сакам сѐ да биде во црно-бела боја за да ја разбиеме монотонијата вклучивме жолта софа, која впрочем одлично се вклопи.
Околу трпезаријата сакавме да го разбиеме стереотипот дека мора да преовладува трпезариска маса и столици, па така ние вклучивме остров и високи столици.