На гости кај Сања во Јапонија: Минималистички уреден стан од 201m2 на две нивоа (фото)
- Детали
- сабота, 27 март 2021
„Во станот најомилено катче ни е јапонската традиционална татами соба. Кога го уредувавме станот решивме оваа соба да ја користиме како втора дневна, а и како соба каде што ќе бидат поголемиот дел од играчките на ќерка ми“, вели 31-годишната Сања.
„Во последните 10 години се имаме преселено повеќе од 15 пати низ 5 држави и мислам дека конечно ја научивме лекцијата да не купуваме работи кои ни се непотребни или работи кои изгледаат во моментот убаво и се на попуст“, ја започнува својата приказна 31-годишната Сања.
Сања Спиридоновска (31) веќе извесен период Јапонија ја нарекува свој дом. Таа има студирано на Факултетот за безбедност во Скопје, а сега во Јапонија води свој јутјуб канал Expat Mama Bird.
Станот во Јапонија во кој живее со сопругот и ќеркичката има 201 m2 и се наоѓа во градот Ашија во префектурата на Хиого, Јапонија.
За уредувањето на нејзиниот стан Сања открива за CRNOBELO:
„Пред да се преселиме во Јапонија, случајно го пуштив да го гледам филмот „Минимализам“ на Нетфликс со Џошуа Филдс и Рајан Никодимус. Претходно долго време ги следев Наоко Такеноучи, која е интериор дизајнер од Јапонија, Бенита Ларсон од Шведска и Тиина Илмавирта од Финска на Инстаграм, кои имаат прекрасно уредени минималистички домови.
Откако го погледнав филмот „Минимализам“ добив идеја дека следното преселување и уредување на домот сакам да ми биде минималистичко. Јас и мојот сопруг имаме исти погледи кон уредување на нашиот дом без разлика каде живееме.
И двајцата сакаме уреден дом каде преовладуваат светли бои и е без многу детали.
Во последните 10 години се имаме преселено повеќе од 15 пати низ 5 држави и мислам дека конечно ја научивме лекцијата да не купуваме работи кои ни се непотребни или работи кои изгледаат во моментот убаво и се на попуст.
Кога се доселивме во Јапонија агенцијата за релокација ни покажа околу 10 различни куќи и станови во оваа околина на Јапонија.
Ние имавме само 3 услови, станот или куќата да е блиску до железничка станица која води до Осака, домашни миленици да се дозволени и станот/куќата да се наоѓа во мирна перифериска околина без многу сообраќај и метеж.
Овој стан беше на само 5 минути пешки до една од железничките станици во овој регион и затоа и се решивме да се преселиме тука.
Поголемиот дел од мебелот во станот ни е од компанијата Токио Интериор, кои се доста познати овде, но исто така креветот на ќерка ми и некои мали детали ни се од Икеа.