На гости кај Моника: Стан во Скопје со нежни бои и „направи сам“ проекти (фото)
Сè уште има доста работи кои ни недостасуваат во дневната, во потрага сме по тепих по наш вкус и убава, удобна фотелја во контрастна боја, а во секое време ги очекуваме сликите кои ги порачавме да ни пристигнат за на белиот ѕид над софата.
Она што не успеавме да го направиме е мини работен простор со функционална библиотека, кој се надевам во скоро ќе го решиме бидејќи тоа е катче кое навистина ни недостасува. Големо кружно огледало кое планирам да го поставиме кај трпезариската маса и едно убаво големо дрво маслинка.
Кујната пак е контраст на две спротивности, од едната страна безвременска со мат боја на слонова коска и контрастен црн мијалник и чешма, осветлена умерено и сосема едноставно, а од другата страна во боја на зелена маслинка која совршено се спојува со бојата на таркетот и дава посебна топлина за мене.
Исто така, можам да го издвојам фактот дека после толку прегледани ентериери за бањи успеавме да постигнеме необичност во бањата која ги исполнува естетските и функционалните решенија за нас.
Важно ни беше да имаме доволно голема туш-кабина, комода под мијалникот во која ќе има сосема доволно место за да собере сè, и најважно плакар во кој ќе се скрие машината за алишта заедно со корпите за алишта.