Тераса која наликува на мини рај: На гости кај Дарко Андоновски од Скопје (фото)
- Детали
- сабота, 27 јуни 2020
Трупчињата, дрвените палети, цвеќето се основата на уредувањето на оваа скопска тераса и сето тоа е дело на вредните раце на 27-годишниот Дарко. Ѕирнете во неговиот мал рај...
Дарко Андоновски (27) од Скопје, по струка е новинар, а креативноста што ја носи во себе ја преточува и во ентериерот на неговиот дом.
Терасата од неговиот семеен дом е вистинско рајско катче, каде секој детаљ е внимателно одбран и на свое место.
За CRNOBELO.com тој открива од каде инспирацијата за уредувањето:
„Идејата за уредување на мојата тераса ми се роди пред неколку години кога бев „разочаран“ од тоа дека сите мои пријатели имаат дворови со тревници каде се собираат со пријателите, додека јас имав само празен простор и тераса која се користеше (секако) за сушење на алишта.
Една пролет решив сето тоа да го променам почнувајќи од ѕидовите со трупчињата, потоа изработката на фотелјите од дрвени палети, па се до внимателно одбирање на цвеќињата.“
„Секоја година имам по некои нови детали, официјализирајќи ги со добра чаша бело вино и со добро друштво. Морам да признам дека до неодамна не сакав никакви сугестии за распоредот на мојата тераса (иако сѐ уште е така) сепак оваа пролет заедно со мојата девојка направив малку поинаков распоред од минатата година.
Па, така лани додека имав стаклен аквариум со оган, годинава повеќе посветив внимание на малите детали, како и светилките кои ги има насекаде и во различни форми и големини. Сите овие најразлични промени кои ги правам на терасата ги објавувам и на мојот Инстаграм профил.“
„Иако целата тераса ја обожавам, доколку би морал да одберам омилен дел од неа, би го одбрал погледот кон градот стоејќи на оградата во делот под отворено небо, како и ѕидот со трупчињата кои ги изработував целосно рачно од сечењето на истите, па се до крајните финеси како лакирањето и декорирањето“.
„Промени ќе има и ова лето, веќе планирам истата да ја продолжам, секојдневно набавувам нови природни цвеќиња кои ѝ даваат посебен шмек на атмосферата, најразлични украси, свеќници, светилки и слично правам и купувам во секое слободно време.“
П.С. Морам да напомнам дека иако секоја пролет има многу работа, освежувајќи ги палетите со лак и боја, трупчињата, плочките, саксиите, цвеќињата, лакирање на дрвениот таван, и што уште не, сето тоа доколку се прави со љубов и со задоволство резултатот е очигледен преку амбиентот на мојот мал рај.“
Уште фотки од терасата на Дарко:
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
С. С. | Црнобело