Стилско работно катче со дрвца од лимони на девојка од Скопје (фото)
- Детали
- вторник, 21 април 2020
Минимализам со винтиџ детали и многу зеленило е стилот кој го избра Наталија Терзија за уредување на нејзиното работно катче во Скопје.
Наталија Терзија е моден дизајнер по професија, а омилено катче во кое сака да престојува е нејзиниот работен и изложбен простор кој се наоѓа во центарот на Скопје - Terziya showroom.
„Го одбрав овој простор затоа што најпрво бев фасцинирана од локацијата и самата зграда која датира од далечната 1952 година (и го има „преживеано“ земјотресот во 1963) и е буквално залепена за главната пошта која е дело на архитектот Јанко Константинов и е бруталистички белег на Македонската архитектура од времето на Социјалниот модернизам.
Просторот ми користи како работен простор, тука ги работам и изложувам моделите, моментално ја изработувам колекцијата со која ќе учествувам на претстојниот Моден викенд, кој ќе биде во едно интересно и поинакво издание, со оглед на ситуацијата во која се наоѓаме.
Исто така вежбам и јога во студио бидејќи често се случува да го поминам цел ден таму.
Ентериерот во студиото стилски не се разликува многу од облеката која ја создавам.
Минималистичката едноставност на белата боја проткаена со органска нота од конопот и дрвото, како и свежината која ја носат многуте саксиски билки, како моето Камелија дрво, лимоните, калите...
Со цел да му дадам на просторот карактер и смисла додадов неколку винтиџ елементи кои за мене се историја и носат приказна во себе.
Исто така важна естетска улога во уредувањето има и накитот од мојот бренд кој е изложен на гипсаните дланки што сама ги изработив за оваа намена и излегоа подобро од што очекував“, вели Наталија за CRNOBELO.com.
Прочитајте и Во домот на Милена Танаскоска: Стилски уредена соба на девојка од Скопје (фото)
Фотки од нејзиното омилено катче:
С. С. | Црнобело