Бои за луксузен ефект: Стан во пудрести нијанси
- Детали
- среда, 24 мај 2017
Со отворен распоред во 53 метри квадратни и фантастично стилизиран простор, овој модерен дом е уреден без ниту една грешка.
Ако е можно отстранување на ѕидовите во станот, со цел да се добие подобар распоред со повеќе светлина, а што ќе одговара на потребите на новите станари, тогаш тоа е прилика која не се пропушта.
Во овој ентериер со големина од 53 метри квадратни, руската дизајнерка Лена Логинова успеала да го трансформира станот со две спални соби и мали прозорци, во еднособен, воздушест, пријатен и светол простор за млада деловна жена.
Пудрестите нијанси кои преовладуваат во ентериерот, биле голема желба и сон на сопственичката. Но, за да домот не изгледа монотоно, дизајнерката си поиграла со различни дезени, бои и текстури во светли тонови.
Деликатната розова во спалната соба, станала поинтензивна во ходникот, додека во дневниот престој доминира нежната беж боја. Кујната е исто така бледо розова, но речиси незабележлива. На овој начин, боите во ентериерот се испреплетуваат мошне суптилно, а постигнат е луксузен ефект во амбиентот.
Што се однесува до мебелот – троседот, креветот, како и трпезариската маса – речиси се стопени со ѕидовите. Посебно внимание дизајнерката посветила на осветлувањето во станот. Во спалната соба, лустерите наликуваат на цветни пупки, додека во кујната потсетуваат на бобинки.
Покрај тоа, со добро осмислениот дизајн на просторот, архитектката го направила просторот многу поголем од што навистина е. Вертикално поставените ѕидни тапети, огледалата, но и мноштвото стаклени површини, заслужни се за таквиот впечаток кој го остава станот, и што е најдобро, целиот простор е навистина елегантен и визуелно привлечен.
Во продолжение, ѕирнете во секое катче од станот и пронајдете ја омилената инспирација и за вашиот животен простор:
М. А. | Црнобело