Мини стан во смарагдно зелена боја (фото)
- Детали
- четврток, 06 април 2017
Во само 38 метри квадратни, многу вешто и со вкус се спакувани дневен престој, кујна, трпезарија, спална соба, мала домашна канцеларија, претсобје и бања.
Ве водиме до еден модерен и беспрекорно стилизиран стан во Киев, Украина, кој не освои на прв поглед со убавиот изглед и функционалноста. Ентериерот е со површина од 38 метри квадратни, а зад неговото уредување се потпишува дизајнерката Елена Фатеева.
Станот остава без здив со смелиот избор на текстури, материјали и бои, особено во простор со толку скромни димензии. Најмногу восхитува со драматичната смарагдно зелена боја, која како нитка се провлекува низ неговиот целиот дизајн. Најдоминантна е во кујната, која е вистинска „ѕвезда“ во ентериерот, а зачинета е со контрастни детали.
Од другата страна на просторијата, пак, се наоѓа едноставниот дневен престој, во кој се истакнуваат кафеавата кожна софа, додека декоративните елементи, како што се светилките во црвена боја, стилски ја поврзуваат зоната со останатите делови од станот.
Спалната соба е издвоена со метална структура и врата на лизгање, а поставени се вградени плакари од истиот материјал како и кујната, со што се остварува одлична визуелна компактност на просторот. Покрај неа се наоѓа и малото работно катче, кое се надоврзува на спалната соба, па изгледа како да е нејзин составен дел.
Повеќе простор за складирање има во ходникот, и тоа во облик на голем орман. Бањата е мала, но со оглед на тоа дека е обложена со огледала, создаден е ефект на пространост. Уредена е и со нежни плочки во нијанси на крем и праска.
Прекрасно катче, зар не? Разгледајте ги фотографиите и црпете инспирација и за вашиот животен амбиент!
М. А. | Црнобело