Божиќната бајка со 1.500.000 светилки на семејството Салај од Хрватска
- Детали
- четврток, 25 декември 2014
Во малото хрватско гратче Чазма постои семејство кое на својот имот има скоро милион и пол шарени светилки кои создаваат вистинска божиќна бајка.
Инженерот Златко Салај пред неколку години сакал да му овозможи на своето семејство да ја почувствува најубавата божиќна атмосфера, па решил да го украси целиот двор.
На почетокот употребувал околу 70.000 сијалички, но секоја година се зголемувале и украсите и бројот на сијалички, бидејќи сакал да биде уште понакитено и поосветлено.
Со оглед на големиот простор кој го поседува ова семејство, успеале буквално да го направат центар на малото гратче.
Секоја година станувало сè поатрактивно место за многу посетители. Почнале да доаѓаат и од други места, дури и други земји само за да ја видат божиќната бајка.
Според она што го раскажува Златко, може да се забележи дека не е ни малку едноставно да се украси толку голем простор и со толку многу сијалички, но не смеат ниту да се изневерат посетителите.
Сите се веќе навикнати и очекуваат да го видат најубаво украсениот простор.
Тука подготовките за секој следен Божиќ почнуваат веднаш штом се исклучат светлата во јануари.
Потребно е многу време за да се постави целата инсталација, но и многу пари за да се плати потрошената струја. Ланската сметка била околу 70.000 куни или 9.000 евра.
Сепак, со оглед на тоа што ова е еден вид проект кој допринесува и за зголемување на туризмот и подобрување на имиџот на малото гратче, голем дел од вкупната сума е платена од спонзори.
Годинава имаат 300.000 нови сијалички, а очекуваат и околу 80.000 посетители. Семејството Салај не се многу заинтересирани за бројките, иако веќе одамна го имаат надминато Гинисовиот рекорд, поставен од еден трговски центар во Канбера, осветлен со 1.2 милиони светилки и резиденција во Њујорк со 600.000 светилки.
Златко Салај вели дека не го интересира листата на Гинис, бидејќи ќе треба да плати за да се пријави и да добие признание, а со тие пари попрво би купил нови сијалички.
Тој уверува дека нема намера да го запре проектот и верува дека еден ден, кога тој нема да може, неговото дело ќе го продолжи синот и можеби ќе успее и целата шума да ја осветли и да создаде божиќен град од бајките.
Погледнете како изгледа:
Би можело да ве интересира:





