Подгответе се за пролетно прочистување: Делови од домот кои не треба да ги заборавите
Покрај тоа што е сезона на прошетки и патувања, пролетта е период кога сите се подготвуваат за прочистување и генералка низ домот.
Време е да го освежите вашиот дом со целосно прочистување, кречење, фрлање на непотребни работи, додавање нови ситници и слично.
Но, со цел темелно да го прочистите домот и да ја промените енергијата, важно е да обрнете внимание на сите работи и да не заборавите некои предмети кои мора да бидат исчистени.
Според водичот за темелно прочистување ова се деловите од домот кои не смее да ги заборавите бидејќи имаат многу нечистотија, а многумина ги избегнуваат.
Машина за садови и работна површина
Темелно исчистете го внатрешниот дел од машината од бигор и заостанати маснотии и дезинфицирајте ја работната маса која вообичаено ја пребришувате само со вода.
Кујнски елементи и алуминиумски површини
Не ги заборавајте сите фиоки, шкафчиња, рачки, како и сите останати предмети и додатоци во кујната, заедно со апаратите.
Но, и покрај редовното миење на садовите, може да ги измиете сите садови кои одамна не сте ги користеле и да ги пребришете сите внатрешни површини.
Фрижидер и рерна
Иако веројатно ги чистите редовно, сепак мало потсетување да не заборавите темелно да ги исчистите со средства од внатре и од надвор.
Прозори, подови и врати
Валканите прозори кои сте ги избегнувале долго време заради лошото време, сега треба темелно да ги исчистите, како и темелно да го исчистите подот под сите површини, кревети и маси. Не заборавајте и на вратите, кваките, венецијанери и завеси.
Плочки и машина за облека
Во бањата не смее да заборавите убаво да ги пребришете со средство и четка сите плочки, но и машината за перење треба да ја чистите од внатре.
Душек и перници
Душекот и перниците собираат многу прашина, влакна, мртви клетки од кожата, пот и други нечистотии кои е неопходно темелно да се исчистат.
Полици и шкафови
Не заборавајте да ги тргнете сите предмети од полиците и да ги пребришете, но и темелно да го исчистите внатрешниот дел на сите шкафови во кои имате облека, книги, чевли или други работи.
Кречење и гарнитура на терада
Пролетта е идеално време за кречење, со што веројатно и ќе ви биде полесно да направите целосно прочистување на сите претходно наведени работи, бидејќи секако ќе мора да ги растргате.
Не смее да заборавите ниту на терасата или дворот, гарнитурата, саксиите и сите останати работи кои треба убаво да се исчистат пред да ја поминете цела пролет на нив.
M. M. | Црнобело