Како светките и цирконите да останат на облеката и обувките?
Дали и вам половина од нив ви ги снемува после само едно перење? Не е чудно. За зачувување на блескавата гардероба, потребно е многу повеќе грижа одошто за обичните парчиња. Таа бара посебна нега и одржување. Па, ви откриваме неколку мали трикови за таа намена.
Стивнува еуфоријата на празничните денови, а со нив завршува и модната доминација на сјајните „шљокици“ во изгледот на дамите. Сепак, грижата за светкавите парчиња продолжува во текот на целата година.
Дали светките и цирконите ќе се задржат на облеката, ќе ги расеете насекаде при носење, или, пак, ќе ви залутаат во машината за перење, првенствено зависи од вас самите.
Доколку сакате вашите блескави, но чувствителни фаворити да ја дочекаат секоја сезона во добра состојба, обрнете посебно внимание на нивната нега.
Нема ништо полошо од излупени светки и паднати циркони од омилените блузи, фустани или светки, коишто од главен адут за свечени прослави, преку ноќ се претвораат во износени парчиња за спомени.
Сепак, дури и таквите „катастрофи“ може да се избегнат, благодарение на неколку едноставни трикови. За светките и цирконите да останат што подолго време на облеката и обувките, придржувајте се до следните правила:
1. Напрскајте ја гардеробата со лак за коса
За да им го продолжите векот на вашите светкави парчиња, прснете ги со јак спреј за коса, секојпат кога ќе ги носите, или, пак, измиете. Така светките и цирконите подолго ќе траат.
Доволно е да ја испружите облеката на рамна површина, па да ја испрскате од двете страни. Потрудете се да биде сосема порамнета, копчињата да се прицврстени, а патентот затворен.
Под неа поставете ткаенина што ќе ја апсорбира лепливоста на лакот, а прскајте на растојание од околу 25 сантиметри.
Спрејот ќе создаде заштитен слој што дополнително го прилепува сјајниот материјал, а го спречува отпаѓањето на светките и цирконите. За максимизирање на ефектот, оставете да се осуши, па нанесете уште еден или два слоја.
2. Перете ги светкавите парчиња во ладна вода
Секогаш постои опција да го однесете вашиот омилен светкав фустан, блејзер или панталони на хемиско чистење.
Сепак, сосема безбедно е да ги исчистите и во домашни услови, доколку користите студена вода.
Имајте на ум дека високите температури не се соодветни за перење на облеката со светки и циркони, бидејќи лепилото може да се стопи во жешката вода, па да ја изгуби функцијата.
За нежно миење во машина, најдобра опција е да го ставите и исперете само светкавото парче.
За заштеда на време, вода и струја, пак, може да го исперете и со други алишта, но, превртете го од внатрешната страна. На тој начин ќе го избегнете триењето на светките со останатите материјали.
3. Не ги простирајте на жица
За минимизирање на нивното отпаѓање, строго е забрането и било какво гужвање на облеката со светки и циркони.
Оттука, ваквите парчиња е најдобро да ги сушите легнати на пешкир или чаршаф, наместо обесени на жица.
4. Исчистете ги чевлите со четкa за заби и сапуница
Покрај со перење, дамките или правот може да ги отстраните и со четкичка за заби и сапун. Ова е посебно погодно за обувките.
Се третира само извалканата површина, па и ризикот од оштетувања е помал.
Првин суптилно избришете ги со мека и чиста крпа, така што ќе ја извадите потсушената нечистотија.
Подоцна, подгответе микс од студена вода и сапун, навлажнете ги чевлите и полека истријте ги со четката.
Оставете ги да се осушат, па напрскајте ги со лак за коса.
5. Складирајте ја гардеробата во посебни навлаки
Фустаните и обувките со светки и циркони е најдобро да ги чувате одвоено од останатата облека.
Во кутии, или, пак, закачени во плакарот, ама во посебни платнени или пластични вреќи.
Така нема да дојдат во допир со другите материјали, па да „преминат“ на остатокот од гардеробата, во орманот, а на крај – низ целата спална соба.
М. А. | Црнобело