Колку се опасни стршлените и како да се справите со нивниот убод?
За повеќето луѓе, убодот од еден стршлен ќе предизвика благи симптоми кои можат да се третираат и дома. Но некогаш убодот може да предизвика и алергиска реакција – во овој случај важно е веднаш да се оди на лекар.
Стршлените се вид оси, но нивниот убод може да биде попроблематичен за луѓето од оној на „обичните“ оси. Постојат неколку видови стршлени, а за најопасни се сметаат азиските џиновски стршлени.
Добрите вести се дека во Европа, вклучувајќи ја и Македонија, ги нема овие стршлени – тие живеат во Југоисточна Азија, односно во Индија, Кина, Јапонија и Кореја.
Но, и помалку опасните видови што се наоѓаат кај нас можат да предизвикаат компликации ако имате алергија на стршлени (или оси) или бидете нападнати од цел рој.
Отровот на овие инсекти содржи хистамин, а токму оваа состојка може да биде причина за алергиска реакција.
Поверојатно е да бидете нападнати од стршлен ако тој се чувствува загрозено. Еден стршлен може да направи еден или повеќе убоди, додека цел рој стршлени можат да направат и сто убоди.
Во повеќето случаи, можете сами да се справите со убодот од стршлен, но сепак е добро да знаете на што да бидете подготвени.
Какви симптоми предизвикува убодот од стршлен?
Генерално, убодот од еден стршлен предизвикува поблаги симптоми, но може да се јави алергиска реакција или некаква инфекција.
Чести благи симптоми од убод од стршлен:
- Црвенило и мал оток на местото на убодот
- Чувство на топлина на местото на убодот
- Болка
- Чешање
- Крвавење
- Појава на пликови
Посериозни симптоми и алергиски реакции:
- Поголеми отоци на телото и во областа на грлото
- Кашлање
- Тешкотии при дишењето
- Гадење
- Повраќање
- Потење
Како да се справите со благите симптоми?
За разлика од пчелите, стршлените не ја оставаат нивната боцка по убодот, па нема потреба да се грижите за тоа.
По убодот, важно е да го исчистите местото со сапун и вода. Потоа, ставете ладна облога за ги намалите болката и отокот.
Ако убодот е на раката или ногата, држете ги кренати за да го намалите отокот.
Во аптека побарајте лек кој ќе ви ги намали симптомите – фармацевтите ќе знаат што да ви дадат
Кога да се обратите кај лекар?
Веднаш одете на лекар ако имате алергија на стршлени.
Дури и ако сметате дека не сте алергични, а забележите некој од посериозните симптоми, исто така веднаш одете на лекар.
Одете на лекар и ако поблагите симптоми не поминат за еден ден или ако забележите дека се влошуваат.
Можете ли да се заштитите?
Ако видите стршлен, најлесно ќе го избегнете убодот ако веднаш се тргнете понастрана од него. Важно е да не правите нагли движења за да не го вознемирите.
Немојте никако да го провоцирате бидејќи поверојатно е да ве нападне ако се чувствува загрозено.
Ако одите на место каде што очекувате да има стршлени, препорачливо е да носите потемна облека – се верува дека стршлените ги привлекуваат посветли, силни бои.
Бидејќи стршлените се поопасни кога напаѓаат во рој, држете се понастрана од нивните осила. Овие инсекти се мошне заштитнички настроени и ако почувствуваат дека осилото им е во опасност, најверојатно ќе нападнат.
Ако сепак налетате на рој стршлени, најдобро е да почнете да трчате и тоа во права линија.
Немојте да се криете во вода, бидејќи стршлените можат да ве чекаат на површината.
Наместо тоа, пробајте веднаш да најдете некакво засолниште, односно затворен простор каде што ќе можете да скриете додека да помине ројот.
Спирова С. | Црнобело